По 10.000 денари за најдобрите студенти на штипскиот универзитет „Гоце Делчев“


Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) – Штип на 27 март ќе одбележи 16 години постоење. Ректорот на УГД-Штип, Дејан Мираковски најави дека најдобрите студенти ќе бидат наградени со ваучери од 10.000 денари, а признанија ќе добијат институции и фирми со кои соработуваат.

-По повод празникот планираме повеќе значајни активности. На најдобрите студенти од сите факултети и академии ќе им бидат доделени ваучери во износ од по 10.000 денари. На сите институции, организации и поединци со кои имаме плодна соработка ќе им се заблагодариме со соодветни благодарници. Посебни благодарници ќе им бидат доделени на болниците кои, во соработка со нашиот универзитет, овозможија студентите од Медицинскиот факултет кај нив да ја обавуваат практичната работа, вели Мираковски.

Тој истакна дека поранешниот ресторан кој е во зградата на Правниот факултет во центарот на Штип ќе стане Центар за обуки, во кој ќе има три училници комбинирани за интерактивна настава. Во овој центар ќе се одржуваат курсеви, обуки и семинари и други специфични активности. Центарот свечено ќе биде отворен на 28 овој месец.

-По повод празникот студенти по медицина на определени локации во Штип на граѓаните ќе им мерат крвен притисок, шеќер во крвта, со што како Универзитет, и на ваков начин ќе ја покажеме нашата општествена одговорност, додаде Мираковски.

На прашање за странските студенти на УГД, Мираковски истакна дека во моментов активно студираат околу 600 странски студенти, додека 500 се во сегментот на подготовки за настава, а од нив најмногу, 400 на број, се на изучување на македонскиот јазик

Најголем број странски студенти имаме од Република Турција, но имаме и студенти од Германија, Шведска, Норвешка и САД, но тие се во значително помал број. Што се однесува до изградбата на студентски дом тоа е прашање за Министерството за образование, ние од поодамна имаме локација за ваква градба но одлуката ќе ја носи Министерството, рече Мираковски.

Ректорот одговараше и на прашања за геомагнетната лабораторија и нејзината иднина, за поранешното детско одморалиште на Плачковица и неговата судбина. Мираковски додаде дека имаат и градежна маркица за изградба на зграда за Медицинскиот факултет, кој би бил еден современ објект, за настава, но и практична настава. Локалцијата е над средното медицинско училиште и новата болница