„ПМЏЏЕЗ“ со концертни промоции на албумите на Јордан Костов, Дино Имери и Филип Букршлиев


Дискографската куќа „ПМЏЏЕЗ“ ќе промовира три свои нови изданија преку концертни настапи, што претстојните три петоци ќе се одржат во Младински културен центар во Скопје.

Come Back“ е новиот, четврти албум на квинтетот на Јордан Костов, што ќе може да се слушне во живо овој петок во кино Фросина (20 часот). Костов е еден од најплодните современи македонски џез музичари, а неговата група ја дополнуваат Андреа Мирческа (контрабас), Филип Букршлиев (гитара), Дамјан Грујо (перкусии) и Драган Теодосиев (тапани). Поради актуелните околности, бројот на посетители ќе биде ограничен на 70.

На 5 март, концерт ќе има пијанистот Дино Имери, кој неодамна го издаде соло албумот „Рефлексии“, а седум дена подоцна е промоцијата на деби албумот на триото на Филип Букршлиев, во кое членуваат и Андреа Мирческа и Славчо Коцев.

ПМГЏЕЗ е дискографска куќа, која постои речиси три години и е фокусирана на издавање на современа македонска џез, класична и етно музика. Настаната од директната потреба за промоција на новата квалитетна македонска џез сцена, ПМГЏЕЗ позади себе има 22 изданија, еден реализиран фестивал (Крај Вардарот Џез, лето 2020) и богата концертна активност.