Плоштадот се полни за папата, расположени гости од Хрватска


Веќе од раните утрински часови, плоштадот „Македонија“ во Скопје почна да се полни за свечената литургија на папата Франциск, кој во 8.15 часот слета на скопскиот аеродром. Граѓаните ги послушаа апелите на властите и порано пристигнаа на плоштадот. Полицијата спроведува низа безбедносни мерки и ги претресува граѓаните што влегуваат во оградената зона.

Се очекува присуство на 15.000 граѓани, а меѓу нив и голем број гости од Хрватска, кои организирано пристигнаа во земјава. Тие со песна го чекаат доаѓањето на поглаварот на Католичката црква.

Скопје е под посебен сообраќаен режим, речиси целото централно подрачје е затворено. Обезбеден е бесплатен автобуски и железнички превоз. Денеска е неработен ден во Скопје.