Плеврис: Постои пораст на новите случаи на Ковид-19, но не без притисок врз здравствениот систем


Доминацијата на подваријантата на Омикрон и укинатите мерки во ноќниот живот, според министерот за здравство на Грција Танос Плеврис, се главните причини за зголемениот број нови случаи на Ковид-19 во земјата, јави дописничката на МИА од Атина.

Во интервјуто за грчката телевизија „Антена“, Плеврис објасни дека сепак, и покрај зголемувањето, не се забележува притисок врз здравствениот систем.

-Навистина, има пораст на случаите и се проценува дека тоа се заснова на два фактори. Прво, дека полека почнува да преовладува подмутацијата на Омикрон, која побрзо се шири и второ дека веќе, како што знаете, укинати се речиси сите мерки поврзани со забавувањето, рече министерот за здравство на Грција.

Истакна дека она што е важно е дали ова зголемување на новозаразените значи  и зголемување на хоспитализациите, објаснувајќи дека континуирано се намалува бројот на пациенти приклучени на апарати.

-Сакам да бидам внимателен. Пандемијата не е завршена, но сигурно во однос на заболувањата има карактеристики што нè прават да бидеме пооптимисти, рече Плеврис.

Доколку се анализираат официјалните податоци на Националната организација за јавно здравје на Грција, во изминатите седум дена, во просек дневно имало по 21.000 новозаразени и по 50 смртни случаи од Ковид-19.

Од почетокот на пандемијата во Грција потврдени се 2.708.610 случаи на Ковид-19 и починаа вкупно 26.730 лица.