Пленковиќ почна со смени откако беше реизбран на чело на ХДЗ


Претседателството и Националниот совет на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) донесе одлука за смена на Милијан Бркиќ од местото потпретседател на Саборот и на Миро Ковач од функцијата претседател на саборскиот Одбор за надворешна политика. Бркиќ треба да биде заменет од Анте Санадер.

„Одлуката е донесена со консензус“, изјави претседателот на ХДЗ, Андреј Пленковиќ, кој во неделата повторно беше избран за партиски лидер.

Тој додаде дека тоа се важни функции на кои треба да бидат именувани луѓе, кои апсолутно го поддржуваат курсот. Пленковиќ додаде оти сменетите функционери ќе останат пратеници.

Пленковиќ во неделата повторно беше избран за претседател на ХДЗ со 81 отсто од гласовите, а неговиот противкандидат Миро Ковач доби 19 проценти. Томо Медвед е избран за заменик на Пленковиќ.

Аналитичарите велат дека победата на Андреј Пленковиќ на партиските избори не е изненадување, но изненадување е што и целиот негов тим победи, па таквиот резултат покажува дека тој ќе го одвлече членството на ХДЗ кон десниот центар.

Давор Џенеро смета дека изборите што се одржуваат во време на многу непријатна криза влијаеле врз хомогенизацијата на партиското членство, што се собрало околу својот лидер.

„Многу поважен е фактот е што се покажа дека Пленковиќ, во својот мандат, го повлече, идеолошки, своето членство зад себе во десниот центар на политичката арена, бидејќи се чинеше дека ХДЗ се лизга кон десницата“, рече Џенеро во изјава за Хина.

Тој смета дека големото прашање е сега какви процеси ќе се одвиваат по изборите. „Не е невозможно, поголем дел од ’алтернативниот тим‘ да ја бара својата среќа во конгломерат, кој се појавува на десната маргина на хрватската политичка арена. Можно е овој изборен резултат да биде увертира за заминување на некои луѓе од партијата“, смета Џенеро

Познатиот политиколог Жарко Пуховски бил убеден во победата на Пленковиќ, но не и на неговиот тим.

„Нему му успеа она што му беше важно, да има свои луѓе за заменици и најмалку двајца потпретседатели. Затоа, тој целосно победи“, рече Пуховски.

Тој верува дека тимот на Пленковиќ е „поразумна опција“ за ХДЗ, но исто така и недвосмислено подобра опција за Хрватска.

„Проблемот е што со тоа се јакне десницата надвор од ХДЗ. Веројатно е дека некој од ХДЗ ќе им се придружи. Сега тоа е само прашање на организациски вештини на Мирослав Шкоро, дали ќе успее да го достигне својот потенцијал, кој се движи до 15 проценти од гласачкото тело, за да организира изборни листи кои би имале шанса на парламентарните избори“, вели Пуховски. (МИА)