Пленковиќ: Огромен број земји се за старт на преговори со Северна Македонија и Албанија

Јасно се заложивме за отворање на преговори и со Северна Македонија и со Албанија. Огромен број земји го дели тој став, но за жал поради еден помал број држави не дојде до единствен став и не беа усвоени заклучоци. Хрватска жали поради тоа, изјави денеска хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во Брисел пред почетокот на продолжението на Самитот на ЕУ.
Сметавме, додаде Пленковиќ, дека ова е добар момент, дека двете земји според мислењето на Европската комисија направија значителен напредок за да почнат преговори.
– Тој став не го делат неколку земји. Треба да се продолжи да се инсистира на ова прашање и пораката што мора да ја испратиме на наште пријатели во Северна Македонија и Албанија е да продолжи со реформите, а дека ние од своја страна како огромно мнозинство земји во Советот на ЕУ ќе продолжиме да ги поддржуваме на европскиот пат, изјави Пленковиќ
Аргументите на земјите кои се противат, според Пленковиќ се „многу тенки“, наспроти аргументите на оние кои се за старт на преговори. Сметаме дека неносењето одлука не е на ниво на историската одговорност што ја има ЕУ.
Запрашан за француското барање за реформа на преговарачкиот процес и дали има време тоа да се направи во краток рок, Пленковиќ нагласи дека таква опција е нереална. Тој оцени дека процесот на пристапување сега значително е усложнет и заострен, а преговорите со кандидатите за членство траат многу подолго од порано.
Според него, предлагачите на ваквите измени треба да кажат што треба и како да се реформира преговарачкиот процес.
Бугарскиот премиер Бојко Борисов пред денешното продолжение на средбата на лидерите на ЕУ изјави дека ништо не е завршено, туку е одложено. – Едоставно е одложено за време на претседавањето на Хрватска, рече Борисов.
– Фактот што не се договоривме да има пишани заклучоци од состанокот кажува дека огромното мнозинство од државите на ЕУ се за отворање преговори со Северна Македонија и Албанија, потенцира Борисов.
Тој се надева дека одложувањето од неколку месеци ќе даде можност и за договор на комисиите за историски прашања меѓу земјава и Бугарија.