Пленковиќ: Нема потреба војската да ги чува границите од илегални мигранти

Премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ денеска изјави дека во овој момент не гледа оправдана причина за ангажирање на хрватската војска во чувањето на границата од илегални преминувања на мигранти.

– Доколку се променат сегашните околности и работата на полицијата е од таков обем што не може да ги извршува самостојно, може да се разгледаат други опции, рече Пленковиќ. – Тоа, во моментов, не е случај, истакна тој во хрватскиот Парламент.

Тој вели дека политиката на Владата е хрватските граници да бидат чувани од полицијата и дека повеќе од 6.000 полицајци го прават тоа деноноќно.

Пленковиќ потврди дека постои одреден миграциски притисок, но дека треба да се формира одбрана од можен нов бран на границата меѓу Грција и Турција.