Пленковиќ ќе го претстави шестиот извештај за состојбата на државата и нацијата


 Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска пред Парламентот ќе го претстави годишниот извештај за работата на Владата и затоа нема да присуствува на седницата на Антикорупцискиот совет, каде треба да го слушне поранешното раководство на ИНА за работата на таа компанија.

Пленковиќ ќе го поднесе Извештајот за состојбата на државата и нацијата ден пред шестгодишнината од неговото преземање на извршната власт.

Премиерот е должен еднаш годишно на почетокот на есенската седница до Собранието да поднесува извештај за состојбата на државата и нацијата.

Тој може да зборува и до еден час, а не се дозволени реплики на пратениците. По него, за Извештајот можат да зборуваат само шефовите на пратеничките клубови, односно 16, а по нив премиерот има право на 20-минутна финална презентација.

Денеска ќе заседава и Антикорупцискиот совет кој треба да ги сослуша поранешните членови на Управниот одбор на ИНА за управувањето со таа компанија. На рочиштето беше поканет премиерот, како и поранешниот министер за економија, Томислав Ќориќ, но тие претходно најавија дека нема да дојдат.