Пленковиќ: Да се реши спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија и да се одблокира преговарачкиот процес
Хрватска направи многу за деблокирање на преговарачкиот процес со Северна Македонија и Албанија и сака да се решат преостанатите прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија за да дочекаме датум на преговори со двете земји, изјави денеска хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.
Шефот на хрватската влада учествува на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во Анталија, регионална иницијатива започната пред 25 години. Годинашниот самит се одржува под претседателство на Турција.
Пленковиќ потсети дека Хрватска е една од земјите што се залагаат за процесот на проширување и дека минатата година на самитот во Загреб, кој се одржа во видео формат, направи многу за деблокирање на преговарачкиот процес со Северна Македонија и Албанија.
„Денеска реков дека сакаме да се решат сите преостанати прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија и дека треба да го поздравиме тој момент, датумот на отворање на преговорите“, рече Пленковиќ.
На самитот беше усвоен документ за перспективата на развојот на целата област на Југоисточна Европа до 2030 година, кој ги следи глобалните и европските предизвици.
„Документот повикува на подобра соработка, билатерална и регионална и постепена поддршка за оние земји кои имаат амбиција да влезат во Европската унија, а моето излагање беше во та анасока“, рече Пленковиќ.
Според него, клучот е инфраструктурна соработка, економска соработка, трговија и тој предупреди на проблемот со негативните демографски трендови што е присутен низ цела Југоисточна Европа.
Маричиќ: Хрватска го поддржува стартот на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ
Хрватска е наш голем пријател и стабилен партнер и хрватските власти и експерти континуирано ни даваат поддршка на секое поле, а тоа е пропратено со навистина многу блиски односи меѓу македонскиот и хрватскиот народ, објави на фејсбук министерот за правда Бојан Маричиќ, кој престојува во работна посета на Хрватска.
Маричиќ во објавата посочува дека имал средба со државниот секретар во хрватското Министерство за надворешни работи, Андреја Метелко-Згомбиќ, на која уште еднаш е добиена потврда дека Хрватска го поддржува отворањето на преговорите за членство на нашата земја во ЕУ.
– Државниот секретар Метелко-Згомбиќ ни порача дека треба да се подготвуваме за почеток на преговорите по новата методологија со надеж дека блокадите ќе се надминат и преговорите ќе почнат, додава Маричиќ во објавата.
Претходно денеска, на првиот ден од работната посета на Загреб, Маричиќ ја посети хрватската Академија за обука на судии и јавни обвинители, каде со нејзините први луѓе размени искуства во однос на функционирањето на оваа институција и македонската Академија за судии и обвинители