Пленковиќ ѝ постави услов на Црна Гора
Или договор за полуостровот Превлака или нема членство во Европската унија
Црна Гора нема да ги затвори преговорите во Поглавје 31 – Надворешна, безбедносна и одбранбена политика сè додека не се реши прашањето за демаркација на земјиштето и секое доведување во прашање на копнените граници ќе биде протолкувано од Хрватска како територијални претензии на Црна Гора кон неа, изјави премиерот Андреј Пленковиќ.
„Можам слободно да кажам – Поглавје 31 нема да биде затворено сè додека не се реши прашањето за демаркација на земјиштето. Јасна порака дека не може да биде појасна, а воедно и пријателска“, рече Пленковиќ по пристигнувањето на вонредниот самит на лидерите на ЕУ.
„Хрватска ќе го протолкува секое доведување во прашање на копнената граница како територијални претензии на Црна Гора кон Хрватска. Зборувам експлицитно, мислам на Превлака“, рече Пленковиќ.
„Арбитражата не доаѓа предвид“
Црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ изјави во средата во Брисел дека инсистирањето на Хрватска да го реши граничното прашање со Црна Гора додека земјата преговара за влез во ЕУ „изгледа како уцена“. Тој најави дека Подгорица наскоро ќе испрати до Загреб предлог за целосно решение на границите на копно и на море, а доколку Хрватска не го прифати, останува меѓународен суд или арбитража.
Пленковиќ рече дека арбитражата не доаѓа предвид. „Арбитражата не е опција за нас, да бидеме сосема јасни“, рече тој.
Тој го критикуваше политичкиот наратив на Црна Гора дека Хрватска, исто така, влезе во Европската унија без да го реши прашањето за границата со Словенија.
„Отидовме на арбитража, која беше компромитирана. Хрватска денес, со искуството од арбитражата со Словенија, не им верува на арбитражите колку што можеше во тој момент“, рече Пленковиќ.
Тој истакна дека односот меѓу Хрватска и Црна Гора и односот меѓу Хрватска и Словенија не се исти. „Црна Гора беше дел од поранешна Југославија, која изврши вооружена агресија на хрватска територија – Превлака, уништувањето на Дубровник, окупацијата практично до Слано – тоа е понова историја. Значи, воопшто не е исто, не може да се споредува и нема да го споредуваме“, рече Пленковиќ, додавајќи дека им предлага „на нашите пријатели во Црна Гора да се согласиме за копнената граница, а разграничувањето на море да го оставиме за во иднина“.
Граничен спор
Тој рече дека Хрватска цврсто се придржува до принципите на Бадентеровата комисија, според која границите на поранешната република станале државни граници по распадот на Југославија. „Копнената граница меѓу Хрватска и Црна Гора се допира до морето кај Конфин“, рече Пленковиќ. Тој вели дека Хрватска инсистира тоа да се реши сега бидејќи привремениот режим е на сила повеќе од 20 години.
Привремениот режим од 2002 година го дефинираше надзорот и користењето на копнената и морската област околу полуостровот Превлака и влезот во Которскиот Залив до склучувањето на конечниот договор за државната граница. Договорот беше потпишан во Конфин меѓу Хрватска и тогашната влада на Сојузна Република Југославија, од која тогаш беше дел и Црна Гора.
Според тој договор, Хрватска има јурисдикција над копнениот дел од полуостровот Превлака, југозападно од Конфин, што во пракса ја почитува границата на поранешната република од СФРЈ. На море, Хрватска контролира тесен појас по должината на југозападниот брег на Превлака, во заливот, додека Црна Гора го контролира преостанатиот, поголем дел од влезот во заливот Бококотор.
Пленковиќ вели дека Хрватска сака да го реши проблемот врз основа на принципот на прифаќање на она што беше неоспорно и за хрватските и за црногорските експерти кои учествуваа во договорот за привремениот режим. „Ако слушнеме јасна порака од црногорската страна дека тие не го сметаат Конфин за точка каде што е дефинирана копнената граница, тогаш имаме проблем. Тогаш не можеме да седнеме на иста маса наречена Европска унија“, рече Пленковиќ.