Плажата „Навагио“ на Закинтос и оваа сезона е затворена за туристи


Грција– Грчката  влада најави дека ќе ја продолжи забраната за влез на плажата Навагио на Закинтос по последната инспекција на Организацијата за планирање и заштита од земјотреси (ОАСП). Во соопштението објавено минатата недела, грчкото Министерство за туризам откри дека инспекцијата констатирала значителен ризик од лизгање на земјиштето поради силна ерозија на околните падини, пренесува порталот „Шенген виза инфо“.

Оваа плажа, позната како „Бродопад“ е најпозната на Закинтос, а своето име го добила по потонатиот брод кој наводно се користел за шверц на цигари, а кој се исфрлил на брегот во 1983 година. Оваа руина е дел од живописен пејзаж со високи бели карпи и тиркизно море. Инаку, поради безбедноста на туристите, оваа плажа се проверува два пати годишно, а сега веќе е јасно дека оваа сезона нема да биде отворена.
– Безбедноста на жителите и патниците е пред се, а одлуката е донесена земајќи ги предвид новите научни податоци на ОАСП, со оглед на големиот број посетители на областа за време на туристичката сезона, изјави министерот за туризам Василис Кикилијас.

Уште во 2018 година седум лица, меѓу кои две деца, беа повредени откако на оваа плажа се урна карпа висока 200 метри. Во меѓувреме, најсериозен случај досега беше скршеницата на рбетот што и се случи на 34-годишна Чехинка. Минатото лето беше забележан голем одрон поради земјотрес со јачина од 5,4 степени според Рихтер, кој ја затвори плажата. Сепак, властите им дозволија на туристите да го посетат ова најпознато место на Инстаграм, но само од брод, додека влегувањето на плажа или капењето во близина беше строго забрането.

Плажата „Навагио“ е туристичка атракција, како што велат Грците, со епски размери и можеби една од најчесто објавуваните на социјалните мрежи.