Платите на 70 отсто од вработените во Министерство за култура се под просечната плата во РСМ
Платите на 70 отсто од вработените во министерството се под просечната плата во Република Северна Македонија, а разликата со платите на вработените на истите позиции во државните органи кои го добија додатокот на основна плата, е 30 проценти, рече денеска Бранко Костовски, претседател на Синдикална организација при Министерството за култура и туризам на УПОЗ, на протестот пред Министерството за култура.
Тој додаде дека си овој протест, го изразуваат незадоволството од, како што истакна, недостоинствено ниските месечни примања на вработените во Министерството. Притоа појасни дека Синдикалната организација при Министерството за култура и туризам пред повеќе од две години изготвила предлог текст на колективен договор, кој предвидувал објективно и коректно покачување на платите на вработените, во висина од 30 проценти, исто како и за вработените во Министерството за финансии, Министерството за одбрана, Генералниот секретаријат на Владата на РСМ, СОЗР, Управата за јавни приходи, Царинската Управа, Универзитетот ,,Свети Кирил и Методиј”.
– Ние го поздравуваме покачувањето на платите на нашите колеги од останатите државни органи, но истовремено бараме од министерот за финансии, Владата и премиерот да не дозволат нерамноправен третман на вработените во државните органи. Одговорноста на колегите секаде е огромна, но да потсетиме, Министерството за култура и туризам ја сервисира работата на 72 национални и 49 локални институции од областа на културата, а во рамките на годишните конкурси на Министерството, се обработуваат просечно околу 5.000 апликации, од кои, од барем од половината, следат обврски – потпишување на договори и следење на истите, нагласи Костовски.
Тој подвлече дека носеле сериозна одговорност и барааат сериозен пристап кон нивните барања.
– Државната администрација не треба и не смее да се потценува со никакви квалификации, туку нејзината работа треба да биде признаена и вреднувана. Се залагаме за одговорна, квалитетна и ефикасна државна администрација, што ќе биде сервис на граѓаните и носител на идните реформски процеси кои ни претстојат, рече Костовски.
Протестите, како што изјави претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, ќе продолжат секој ден од 11 до 11:30 часот, а во петок од 11 до 12 часот ќе се одржи протест пред Министерството за финансии.