Платеното политичко рекламирање на избори ставено под прашалник?
По шест месеци работа во пет работни подгрупи подготвени се 36 предлози кои требаше да се усвојат денес, за потоа да се најдат пред пратениците во Собранието
Работното тело што работеше на измени на Изборниот законик денес ги официјализираше предлозите со кои треба конечно треба да се имплементираат препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Македонија да добие не само технички туку и суштински – избори по европски стандарди.
По шест месеци работа во пет работни подгрупи подготвени се 36 предлози кои требаше да се усвојат денес, но ќе се разгледаат уште еднаш пред да се најдат пред пратениците во Собранието. Најзвучниот и единствениот неусогласен предлог беше да се укине буџетски платеното политичко рекламирање бидејќи со јавни пари се купува медиумска наклонетост и се дискриминираат големите од малите политички партии, при што распонот на добиени средства на партиите е огромен – од десетици до стотици илјади евра, па и над милион за големите.
Александар Новаковски, претседател на работната група формирана од Министерството за правда, оцени дека има време препораките да се имплементираат, но тоа ќе зависи од одговорот на политичките партии, од кои патем една – ВМРО-ДПМНЕ – одби директно да се вклучи во подготовката на измените и информациите ѝ ги праќаа по мејл.
„Топката сега ќе биде во Собранието. Ние завршуваме во вистински момент. Сите подготвени предлози се експертски за да има изборен процес според европски стандарди. Мора да се врати довербата во институциите, а не да се префрла топката од една на друга. Со препораките ќе имаме изборен процес што нема да биде само технички добро подготвен и никој не ќе може да се жали дека не учествувал во работата на оваа работна група“, рече Новаковски.
Препораките ќе бидат објавени кога работната група официјално ќе ги усвои и прати до Министерството за правда. Во подготовката учествуваа сите институции надлежни за спроведување на изборниот процес (ДИК, АВМУ, ДКСК…), невладини организации, преставници од политички партии… Препораките, покрај платеното политичко рекламирање го опфаќааат и финансирањето на политичките партии и заштитата на избирачкото право, но не и изборниот модел (една или повеќе изборни единици) или типот на изборните листи, бидејќи тоа не е препорака на ОБСЕ, ниту е мандат на работното тело. Многу мал дел од препораките на ОБСЕ, како што беше кажано, се неприменливи со нашиот изборен модел и затоа не се опфатени со предлозите, а Новаковски исто така најави дека поради големиот број на измени на Изборниот законик, по изборите ќе почне да се работи на нов заради поголема јасност на одредбите.
Заменик министерката за правда Викторија Аврамовска-Мадиќ рече дека препораките ќе се пратат на гласање во Собранието и дека нема да се формира нова работна група или слично на која предлозите ќе ги разгледуваат политичките партии. На забелешката дека ВМРО-ДПМНЕ не учествувала во работата досега и дека албанската обединета опозиција немала можност да има претставник, Мадиќ рече дека ВМРО-ДПМНЕ била поканувана неколку пати да се приклучи, па ѝ било нудено и претседателско место, а албанската обединета опозиција не била формирана тогаш за да биде вклучена во процесот.
„Не станува збор за некои суштински измени за да не можат да се спроведат пред претседателските избори, кои се пред парламентарните“, рече Мадиќ, потврдувајќи дека работната група немала мандат да преговара за една изборна единица, бидејќи такви измени се носат со политички консензус.
Министерот Кренар Лога, иако беше најавен не дојде на настанот поради здравствени причини, но од неговиот кабинет истакнаа дека ова е првпат да се предлагаат измени на Изборниот законик навреме, шест месеци пред избори – место неколку денови.
По завршувањето на работната средба од Министерството за правда соопштија дека „по презентација на работната верзија на текстот и по добиените мислења и препораки, работната група ќе се состане уште еднаш за да го финализира текстот“.
Изборниот законик беше изменет два пати во 2021 година. Во април 2021 година беа усвоени измени за донесување одредби за биометриска идентификација на гласачите, а во септември 2021 година, Собранието повторно го измени Изборниот законик, со мнозинство гласови. Некои амандмани имаа за цел да се адресираат препораките на ОБСЕ/ОДИХР, вклучувајќи го постојаниот состав и мандатот на ДИК, заштитните мерки од злоупотреба на јавните ресурси, медиумските кампањи и роковите за поднесување и разгледување приговори. Сепак, промените во законодавството во последен момент доведоа до неизвесност.
Во однос на работната група за измени во Изборниот законик, Европската унија го потенцираше фактот дека работата во неа се одвивала без, „важно учество на политичките партии“. Забелешката доаѓа со оглед дека во оваа група немаше албански партии и сé беше решено по средбата помеѓу тогашниот премиер Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Што препорача ОБСЕ/ОДИХР?
ПРИОРИТЕТНИ ПРЕПОРАКИ
1. Законската рамка сеопфатно да се ревидира за да се адресираат сите неадресирани
препораки на ОДИХР и да се елиминираат бројните постојни празнини и недоследности.
Собранието треба да ја преземе оваа ревизија навремено пред следните избори, по
спроведување на отворен и инклузивен консултативен процес во кој се земени предвид
предлозите на сите засегнати страни.
2. Властите да се спротивстават на секаков вид притисок врз гласачите и врз вработените во јавниот и приватниот сектор, вклучувајќи го и купувањето на гласови. Во согласност со постојната легислатива, наводите за притисок и купување гласови треба да бидат темелно истражени и кривично гонети, со заштита на оние кои пријавиле. Јавните институции треба да бидат проактивни во информирањето на јавноста и државните службеници за независните механизми каде што можат да пријават притисок во врска со изборите, а високите државни функционери треба да дадат јасни јавни изјави и писмени упатства дека таквите дејствија нема да се толерираат и дека ниту еден граѓанин не треба да се плаши од негативни последици како резултат на поддршката или неподдршката на некој кандидат или партија.
3. За да се обезбеди оперативна независност и ефикасност на Државната изборна комисија,
властите треба да гарантираат дека ДИК ќе добие соодветна и навремена буџетска
распределба. Капацитетите на персоналот на Комисијата треба да одговараат на
одговорностите што ги има Комисијата според Изборниот законик, со клучен персонал
вработен на постојана основа.
4. Законската рамка треба да се усогласи со меѓународните стандарди, со отстранување на
какви било ограничувања на избирачките права врз основа на интелектуална или
психосоцијална попреченост.
5. Точноста на регистарот на гласачи треба да се зајакне преку систематско и електронско
ажурирање на податоците, вклучително и за смртни случаи и промени на името, и
имплементација на координиран национален систем за стандардизација на адресите.
6. За да се зголеми транспарентноста, Изборниот законик треба да налага целосно
пријавување на сите видови приходи и расходи во кампањата од страна на изборните
учесници, неколку дена пред денот на изборите. Финансиските извештаи за кампањата
треба да вклучуваат распределба на трошоците по изборни единици, а крајниот рок за
поднесување на конечните извештаи треба да биде скратен согласно меѓународната добра
пракса. Во согласност со претходната препорака, може да се воспостави механизам за
електронско поднесување на финансиски извештаи.
7. Одредбите со кои се регулираат информативните емисии на јавниот радиодифузен сервис
за време на предизборниот период треба да се ревидираат, со цел да се овозможи
уредничка слобода и да се обезбеди правичен пристап и покривање на помалите партии
и независните кандидати. Понатамошните реформи треба да имаат за цел зајакнување на
квалитетот на содржините што ги произведува јавниот радиодифузен сервис,
вклучително и истражувачкото и аналитичкото новинарство.
8. Регулативите за платено политичко рекламирање во медиумите треба да се преиспитаат,
со цел да се овозможи непречен пристап до медиумите врз основа на разумни и
објективни критериуми. Треба да се воспостави јасен механизам за поделба на буџетот
помеѓу помалите партии и независните кандидати. Официјалната одлука за распределба
на буџетот за рекламирање во текот на кампањата во медиумите треба да биде објавена
навремено.
9. Правниот статус за поднесување приговори треба да се прошири и на гласачите и
граѓанските набљудувачи. За да се овозможи соодветно време за поднесување и
постапување по жалбите, роковите би требало да се усогласат со меѓународната добра
пракса.
ДРУГИ ПРЕПОРАКИ
Законска рамка и изборен систем
10. Законот треба да одреди јасна временска рамка за одржување на повторените избори во
случаите кога условот за излезност не е исполнет во првиот круг од изборите за
градоначалник. За да се намали ризикот од неуспешни избори, условот за излезност на
гласачите за повторени избори би требало да се преиспита.
11. За зајакнување на транспарентноста и довербата на јавноста во нивната работа,
Државната изборна комисија и Општинските изборни комисии треба да ја објават целата
релевантна документација, како што се буџетот, планот за набавки, како и сите прописи
и одлуки на конзистентен и навремен начин.
12. Властите треба да обезбедат соодветна и навремена финансиска и оперативна поддршка
на Општинските изборни комисии доволно време пред денот на изборите.
Комуникацијата и упатствата од Државната изборна комисија до изборните органи на
пониско ниво треба да бидат доволно целосни и навремени, со цел да се обезбеди
соодветна координација и унифицирано спроведување на постапките.
13. Согласно претходните препораки, базата на податоци на државните и јавните
службеници што се користи за селекција на изборните службеници треба да се ажурира,
со цел да се обезбеди непречен и ефикасен процес на селекција. Базата на институции од
кои вработените се повикуваат да служат во изборните органи би требало да се ревидира.
14. Во координирани напори, државните и локалните власти, како и другите актери вклучени
во изборниот процес, треба да преземат понатамошни мерки за да обезбедат самостоен
пристап на лицата со различни видови попреченост во целиот изборен процес.
Регистрација на гласачи
15. Регулаторната рамка за постапките за регистрација на гласачите треба да се консолидира
и усогласи за да се елиминираат недоследностите.
16. Властите треба да преземат соодветни мерки со цел сите гласачи кои ги исполнуваат
условите да бидат вклучени во регистарот на гласачи и избирачките списоци. Изборниот
законик треба да се измени соодветно, вклучително и со отстранување на ограничувањата
врз основа на истечени документи за идентификација, како и со разјаснување на
процедурите за вклучување во избирачките списоци на лицата кои ќе наполнат 18 години
помеѓу двата круга.
17. За да се обезбеди значаен пристап до и транспарентност на регистарот на гласачи и
избирачките списоци, ДИК треба да објавува податоци за регистрација на гласачите
поделени по избирачки места, периодично и пред и по секои избори, притоа
ограничувајќи го видот на личните податоци на гласачите кои се јавно достапни и
воведувајќи технички заштитни мерки за спречување на нивно неовластено
обработување.
18. За да се обезбеди интегритет и доверба на јавноста во изборниот процес, употребата на
нови технологии, вклучувајќи ги и уредите за биометриска идентификација, треба да се
воведе по истекот на доволно време и со детални одредби за да се обезбеди соодветно
тестирање и сите засегнати страни да бидат запознаени со функционирањето на опремата.
Регистрација на кандидати
19. За да се обезбедат еднакви можности во правото да се кандидираат сите кандидати,
потребниот број на потписи за поддршка на независните кандидати треба да биде
пропорционален на реалниот број регистрирани гласачи по изборна единица. Треба да се
разгледа можноста за нивно стандардизирање до еден отсто од регистрираните гласачи,
во согласност со меѓународната добра пракса.
20. Законската рамка треба да биде изменета со цел да се предвидат можности независните
кандидати за советници да се натпреваруваат на изборите самостојно.
Кампања
21. Во согласност со принципот на еднаквост на можностите, правилата на кампањата треба
да се ревидираат за да се обезбеди порамноправен пристап до медиумите и распределба
на просторот за постери и билборди за малите партии и независните кандидати.
22. Политичките партии и релевантните државни и јавни институции треба да преземат
понатамошни чекори за да го охрабрат учеството на жените во изборниот процес и во
политичкото одлучување.
23. Законската рамка за кампањата треба дополнително да се измени за да се вклучат јасни
правила за учество на јавните службеници, вклучително и на социјалните мрежи.
Финансирање на кампањата
24. Законската рамка за финансирање на кампањите треба да се ревидира за да се решат
постојните празнини, вклучувајќи ги и празнините во врска со износот на банкарските
заеми и можноста за донирање по изборите, како и финансирањето од трети страни. За да
се спречи непотребното влијание на приватните донатори и потенцијалната политичка
корупција, ограничувањата на донациите и трошоците за локалните избори би требало да
се усогласат така што кампањата на кандидатот да не биде финансирана само од една
донација.
25. Органите одговорни за надзор на финансирањето на кампањите треба да спроведат
ефикасна контрола на приходите од кампањата и трошењето во текот на изборниот
процес и треба правилно и навремено да ги разгледаат сите извештаи и приговори во
врска со наводните нерегуларности.
Медиуми
26. Националните радиодифузери треба да се потрудат да ги направат своите програми
достапни за лицата со сензорни оштетувања. Може да се размисли за измена на
Изборниот законик со цел да се обезбедат појасни и поконкретни насоки за пренесување
на достапни информации до електоратот.
27. Законскиот услов за дневно известување од страна на медиумскиот регулатор до
изборната администрација може да биде заменет со ад хок извештаи кои се однесуваат на
конкретни проблеми поврзани со изборите.
Приговори и жалби
28. За да се обезбеди ефикасна правна заштита, законот треба да обезбеди навремена судска
контрола на сите административни одлуки поврзани со изборите, вклучувајќи ги и сите
прописи на Државната изборна комисија.
29. Правилата за допуштеноста на приговорите треба да утврдат разумни услови и опсегот
на допуштени докази не треба да биде претерано ограничен. Одлуките и постапките на
изборната администрација треба да бидат образложени, обезбедувајќи соодветни
гаранции за ефикасно испитување на основаноста на приговорите.
30. За да се зголеми транспарентноста и да се обезбеди правична постапка, правото на јавно
сослушување во кое ќе учествуваат двете страни треба да биде заштитено и во судовите
и во изборните комисии.
31. Треба да се разгледа можноста за зајакнување на капацитетот на Општинските изборни
комисии и релевантните процедури за постапување по приговорите. Електронскиот
систем за поднесување и следење жалби може да се надгради за да се обезбедат
навремени ажурирања на поднесените приговори и да се зголеми транспарентноста.
Граѓански и меѓународни набљудувачи
32. Органите на изборната администрација на сите нивоа треба да обезбедат непречен
пристап на сите акредитирани набљудувачи во целиот изборен процес. За да се зголеми
транспарентноста, изборната администрација треба да води евиденција за сите
набљудувачи и претставници на изборните кандидати акредитирани за набљудување,
истата навремено да ја објави и да им обезбеди на акредитираните лица соодветна
идентификација, јасно посочувајќи ги нивните имиња и припадност.
Денот на избори
33. За зајакнување на интегритетот и довербата во процесот на гласање, властите треба да
преземат сеопфатни напори за подобрување на квалитетот на базите на податоци кои се
користат за идентификација на гласачите на денот на изборите и функционалноста на
биометрискиот систем за идентификација на гласачите.
34. За да се зајакне кредибилитетот и да се обезбеди интегритет на системот за биометриска
идентификација на гласачите, Државната изборна комисија треба да го објави бројот на
гласачи идентификувани со опремата, по изборни единици и избирачки места, како дел
од објавувањето на прелиминарните резултати.
35. Согласно претходната препорака, треба да се размисли за појаснување на правилата за
зачувување на валидноста на гласачките ливчиња на кои јасно е изразена волјата на
гласачите. Исто така, треба да се разгледа можноста да се овозможи замена на случајно
поништени гласачки ливчиња.
36. За да се обезбеди доследност и транспарентност во процесот на пренесување на
резултатите, треба да се воспостават и следат јасни процедури за исправање на грешките
и несовпаѓањата во записниците за резултати, вклучително и критериуми за пребројување
на гласачките ливчиња. Сите релевантни податоци собрани за време на изборниот ден,
вклучувајќи го и бројот на гласачи додадени во избирачките списоци, Државната изборна
комисија треба навремено да ги објави.