Платениците од „Вагнер“ ја чинат Русија 100 милиони долари месечно
Американското разузнавање тврди дека „Вагнер“ станува сѐ понезависен од редовната руска армија, а со тоа расте и влијанието на Евгениј Пригожин
Платеничката група „Вагнер“ што се бори во Украина е составена 80 отсто од затвореници регрутирани во руските казнени колонии, а нејзиното одржување чини сума еднаква на буџетот на голем руски регион.
Ова го соопшти Ројтерс во врска со разузнавачките информации добиени од САД, а потоа потврдени на брифинг од официјалниот претставник на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби.
Според Кирби, САД го проценуваат бројот на борци на „Вагнер“ на 50.000, од кои само 10.000 се професионални платеници, а 40.000 биле регрутирани од руските затвори од страна на шефот на групата, Евгениј Пригожин.
Поранешниот кафеанџија од Санкт Петербург познат како „готвачот на Путин“, а потоа збогатен од владини договори, Пригожин, според проценките на САД троши 100 милиони долари месечно за одржување на својата „приватна армија“. Годишно, буџетот на Вагнер – 84,2 милијарди рубли, по сегашниот курс 1,1 милијарди долари – е споредлив со буџетот на големите руски региони.
И покрај великодушното финансирање, Пригожин има потешкотии да регрутира нови борци во Русија и додава борци од Сирија, Либија, Централноафриканската Република и Мали во редовите на „Вагнер“, рече Кирби.
По серијата неуспеси на редовната армија, која не успеа да го заземе Киев, го напушти регионот Харков и го предаде Керсон, Путин се повеќе се потпира на силите на „Вагнер“, кои не се легализирани во рускиот закон. „Борците“ на „Вагнер“ се фрлаат во Бахмут, клучниот град во Донецката област, кој Русија неуспешно се обидува да го преземе речиси еден месец. И додека „Вагнер“ трпи големи загуби – повеќе од илјада нејзини борци беа убиени во последната недела – влијанието на Пригожин расте и тој станува понезависен од Министерството за одбрана, рече Кирби: во некои случаи, редовните армиски сили се во подредена положба во однос на „Вагнер“.
Белата куќа во четвртокот соопшти дека „Вагнер“ презела испорака на оружје од Северна Кореја.
Џон Кирби изјави дека американските разузнавачи утврдиле дека Северна Кореја ја завршила почетната испорака на оружје минатиот месец, која вклучувала ракети и проектили минатиот месец.
„Оценуваме дека количината на материјал доставен до ‘Вагнер’ нема да ја промени динамиката на бојното поле во Украина“, рече Кирби. „Но, ние секако сме загрижени дека Северна Кореја планира да испорача повеќе воена опрема“.
Во петокот, Северна Кореја повторно категорично негираше дека испораќала муниција во Русија, нарекувајќи го обвинувањето на САД за трансфер на оружје во Русија „неоснована теорија“ изготвена од „некои нечесни сили“.