Пласидо Доминго се соочува со нови обвинувања за недолично однесување


Шпанија– Оперската ѕвезда Пласидо Доминго се соочи со нови обвинувања за сексуално вознемирување од шпанска пејачка во ТВ-програма што се емитуваше во неделата вечерта, и тоа три години откога таквите тврдења предизвикаа извинување и ја скратија неговата кариера.

Во истрагата од 2020 година, повеќе од триесетина пејачки, танчарки, музичарки, професори по пеење и персонал зад сцената рекоа дека биле сведоци или доживеале несоодветно однесување на Доминго (83) во текот на три децении. Доминго не призна никаква вина.

Најновото обвинување дојде од неидентификувана пејачка на шпанскиот телевизиски канал „Ла Секста“. Појавувајќи се како темна фигура, таа рече дека пред 20-ина години Доминго сакал да ја допира во театар во Шпанија. Во друга пригода се обидел да ја бакне.

„Една од првите работи што ти ја кажуваат е да не се качуваш во лифт сама со Пласидо Доминго“, изјави жената за ТВ-каналот „Ла Секста“.

Таа раскажа како Доминго наводно побарал да ја допира по проба во театарот.

Претставниците на Доминго не одговорија на барањето за коментар.

Истрагата од 2020 година на Американското здружение на музичките уметници (AGMA) заклучи дека Доминго се однесувал непримерно.

Доминго во тогашната изјава рече дека ги почитувал одлуките на жените да зборуваат и дека „навистина му е жал ако ги повредил“.

Овие откритија ја поттикнаа Шпанија да ги откаже планираните претстави на тенорот кој стана баритон во јавно финансираните театри. Институциите во САД, вклучително и Метрополитен операта во Њујорк и операта во Сан Франциско, исто така ги откажаа планираните ангажмани.

Доминго поднесе оставка како генерален директор на операта во Лос Анџелес, чија сопствена истрага покажа дека 10 наводи за него се „веродостојни“.

Во интервју за шпанскиот весник „Ел Мундо“ во јануари 2022 година, Доминго негираше дека вознемирувал некого и рече дека чувствува дека бил осуден пред судот за јавно мислење бидејќи не се изјаснил.

Доминго се врати во Шпанија за да настапи на хуманитарен концерт во јуни по отсуство од речиси година и половина, а има настапувано и во други земји. (Ројтерс)