Планови на ЕУ: Греење само до 19 степени


 

Со оглед на можната гасна криза, економијата и потрошувачите би можеле да се соочат со значителни мерки за заштеда на енергија. Нацртот за план за вонредни состојби на Европската комисија предвидува јавните згради, канцелариите и комерцијалните објекти да се загреваат до максимум 19 степени од есен, како што објави ДПА, која тврди дека го има нацртот. „Дејствувањето сега може да го намали влијанието на ненадејниот прекин на снабдувањето за една третина“, се вели во текстот.

Сега постои „значителен ризик“ Русија да ја запре испораката на гас во Европа оваа година. Компаниите кои можат да го заменат гасот треба да ја намалат потрошувачката, велат тие. Целта е да се заштитат индустриите кои се особено важни за синџирите на снабдување и конкурентноста. Домаќинствата исто така се охрабруваат доброволно да консумираат помалку. „Сега секој може да заштеди гас“, пишува комисијата.

Постојните правила пропишуваат дека домаќинствата и болниците, на пример, ќе имаат приоритет во случај на недостиг на гас. Планот е подложен на промени и се очекува официјално да биде претставен следната среда.

Според Комисијата, симулациите на регулаторниот орган ENTSO-G покажале дека прекинот на испораката во јули би значел дека складиштата за гас не може да се полнат доволно и затоа може да има недостиг зимава и следната година. Ако има прекин во октомври или подоцна, ќе има помалку ризици за зимската побарувачка. Но, тогаш ќе има помалку време за реакција. Според Комисијата, испораките на гас од Русија веќе се драстично намалени. Севкупно, протокот на гас сега е помалку од 30 отсто од просекот за 2016 до 2021 година, според нацртот на планот за вонредни состојби. Нема индикации дека ситуацијата ќе се подобри.