Планот на опозицијата за линеaрно зголемување на пензиите ќе предизвика финанско цунами, вели Фатмир Битиќи
Почна да се развива предизборна дебата околу економските планови и програми на партиите. Прво лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, објави дека за една година на новата влада ќе ја зголемеле пензијата линеарно за сите по 5.000 денари и го најави проектот за скалесто оданочување на добивката. Владата излезе со пакет антикризни мерки врден 600 милиони евра.
Главниот економист на опозицијата, Трајко Славески, рече дека тоа било безумно расфрлање „пари од хеликоптер“. На тоа негово тврдење му одговори вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, велејќи дека вмровскиот план за линеарното зголемување на пензиите ќе предизвика вистинскло финансиско цунами.
„Имаме 334.971 корисници на пензија, согласно последниот извештај на ПИОМ за октомври 2023 година, помножено со 5.000 денари, кои ВМРО–ДПМНЕ ги предлагаат, е еднакво на 1.674.855.000 денари, односно 27,2 милиони евра месечно, што е вкупна сума од 326,8 милиони евра на годишно ниво“ напиша Битиќи.
Според вицепремиерот, ваквото зголемување е 2,5 отсто од БДП, но 27,1 отсто од предвидениот буџет на ПИОМ.
„Ова значи дека ВМРО – ДПМНЕ со бројки истресени од ракав за зголемување на пензиите, сакаат дупката во фондот за ПИОМ да ја прошириат за 27,1%, што за добрите познавачи на финансиите, не значи само проширување на дупката во фондот за ПИОМ, туку тоа е буквално креирање на цунами кое за само една година комплетно ќе го збрише фондот за ПИОМ“, напиша Битиќи на социјалните мрежи.