Планот на Мицкоски е исполнет, утре се очекува план за избори


Уставот предвидува вонредни избори за претседател на државата да се организираат во период од 40 дена. Оливер Деркоски од ДИК сега бара 50 до 60 дена за подготвка на изборите. Христијан Мицкоски е на таа линија (Фото: Б. Грданоски)

Бојкот на изборите тешко дека би можело да биде опција затоа што кандидатските листи за пратеници веќе се утврдени, како и распоредот на партиите на гласачкото ливче.  Ако ВМРО-ДПМНЕ реши да ги бојкотира изборите, нејзините листи сепак би влегле во конкуренција на изборите, па партијата би можела да освои пратенички места

 

Протоколот на Комисијата за заразни болести за спроведување на парламентарните избори, мислењето на ДИК до претседателот Стево Пендаровски и позитивниот одговор што го стигнал до МНР од ОБСЕ/ОДИХР ќе бидат основата за дискусија на утрешната лидерска среба, на која се очекува да се лоцира можниот датум за гласање, откако се исполнија трите услови, на кои, наводно, инсистирал опозицискиот лидер Христијан Мицкоски. Четвртата и последна точка од „планот на Мицкоски“ предвидуваше откако ќе се добијат известувањата од здравствените власти, од  ДИК и од ОБСЕ/ОДИХР да се разговара за прв можен датум за одржување на изборите, што се очекува да се случи утре напладне во претседателската вила.

Физичка дистанца во текот на кампањата и на денот на изборите, носење заштитни маски, избегнување масовни митинзи, проветрување на просториите, гласањето да трае два часа подолго… се дел од препораките на Комисијата за заразни болести во однос на тоа како да заврши изборниот процес во време на епидемија. ОБСЕ/ОДИХР, како што соопштија од МНР, испратиле позитивен одговор за продолжување на набљудувачката мисија, за што детали ќе бидат соопштени на средбата в понеделник.

Најпроблематично останува мислењето на ДИК, со оглед на тоа што разногласијата за тоа колку време е потребно за да се ажурира избирачкиот список и да довршат дејствијата што беа прекинати со Уредбата на владата за изборниот процес продолжија и откако одговорот на членовите на Комисијата стигна во претседателскиот кабинет. Претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, кој сето ова време инсистира дека се потребни нови од 50 до 60 дена (иако од распишувањето на изборите до нивното прекинување поминаа околу 35 дена), дури и најави дека нема да  го потпише Избирачкиот список ако се оди на избори во рок од 22 дена од завршувањето на вонредната состојба.

Ваквата позиција на Деркоски може да го искомплицира изборниот процес уште пред да продолжи, со оглед на неговите најави дека тој чекор можно е да го следат и други членови, додека Изборниот законик предвидува избирачкиот список да го потпишат сите членови на ДИК. Освен што се на иста линија со опозицијата, ставовите на претседателот на ДИК дека се потребни нови педесетина дена не соодветствуваат со реалноста. Не само поради тоа што последното ажурирање на избирачкиот список заврши во март, пред првично планираните избори на 12 април, туку и затоа што, на пример, Уставот предвидува вонредни избори за претседател на државата да се организираат во период од 40 дена. Тоа деновиве го спомна и претседателот Пендаровски, кој во 2004 година, како претседател на ДИК, во период од 40 дена ги организираше вонредните претседателски избори, вклучително со целата процедура за ажурирање на списокот на гласачи, а за ова постапка нема разлика во роковите за нејзино спроведување независно од тоа за каков изборен циклус станува збор.

Новите 14 дена вонредна состојба што ги прогласи Пендаровски истекуваат на 30 мај. Според тоа, ако на  утрешната лидерска средба или во наредните денови не биде договорено некое друго решение, наспроти владината Уредба од 21 март за изборниот процес, ДИК веќе на 31 мај треба да утврди ревидиран роковник за спроведување на изборните дејствија. Следниот ден – на 1 јуни би почнала кампањата, а изборите би се одржале на 21 јуни.

Освен навестувањата на Деркоски дека не планира да го потпише Избирачкиот список, од ВМРО-ДПМНЕ не кажуваат како би се позиционирале ако по завршувањето на на вонредната состојба на 30 мај се „активира“ Уредбата според која изборите треба да продолжат и да завршат за 22 дена. Бојкот на изборите тешко дека би можело да биде опција, затоа што кандидатските листи за пратеници веќе се утврдени, како и распоредот на партиите на гласачкото ливче.  И во случај ВМРО-ДПМНЕ да реши да ги бојкотира изборите, нејзините листи би влегле во конкуренција на изборите, па партијата би можела да освои пратенички места.  (Н.В.)