Планинарски меморијал посветен на Димитар Кангов-Кангата


Традиционалниот планинарски меморијал „Димитар Кангов-Кангата“ ќе се одржи утре на планината Кожуф во организација на планинарскиот спортски клуб „Кожуф“ од Гевгелија со искачување на врвот Зелен брег висок 2.166 метри, потврдија попладнево организаторите.

– Меморијалот е посветен на нашиот долгогодишен член Димитар Кангов кој пред повеќе од 15 години го остави својот живот на планината Кожуф при обид за качување на врвот Ѕена од страната на соседна Грција. Учесници ќе бидат гости од повеќе планинарски друштва од земјата, граѓани и ученици од основните и средни училишта од општините Гевгелија и Богданци,велат организаторите.

Кон целта ќе се стартува утре во 8 часот од местото Алчак на височина од 1.650 метри и преку месностите Табла и Марково езеро предвидено е пристигнувањето на Зелен брег откако ќе се совлада 7,3 километри долгата патека со висинска разлика од 660 метри.

Пристигнувањето на целта е предвидено околу пладне кога ќе се положи цвеќе на помен плочата на Кангов и ќе се доделуваат благодарници за учество на планинарскиот меморијал.