„Плачеш како кит“ – нов роман на Ѕвездан Георгиевски


Во издание на издавачката куќа Бегемот, излезе од печат романот „Плачеш како кит“ од реномираниот новинар и писател Ѕвездан Георгиевски. „Плачеш како кит“ е негов втор роман и следува по дебитантскиот роман „Недела дена во животот и смртта на Гроздан“, како и по збирката раскази „Да не бидам покусо“ и збирката есеи „Урбани топоними“. Објавувањето на книгата е поддржано од Министерството за култура на РСМ. 
 
„Плачеш како кит“ е слоевито, хибридно дело, чиј хронотоп се движи од една фиктивна лична приказна во македонската сегашност, преку навраќање во минатото низ пределите на Чиле и на Тихиот Океан со упатување на историски факти, низ бајковити предели на неодредени локации некаде во Европа, преку митолошко создавање на живиот свет, сè до една потенцијална иднина на Македонија во која превладува метафората на потонувањето. Различните делови сочинуваат една кохерентна романескна целина. Имено, сите се поврзани со лајтмотивот на китот, симбол на благородните особини на луѓето што трагаат по нешто повеќе од она што им го одредила судбината, која тешко се победува, и чудовиштето, кое симболично го претставува стравот што ги прогонува ликовите од различни причини уште од нивното детство. Преку оваа комбинација на приказни, на читателите им се дава функционален објектив низ кој ги следат сличните трансформации на оние што се соочуваат со смртта на блиските и со губењето на смислата. […]