„Плацеви на Водно“: Како Груевски ги купил двата стана на „Бихаќка“?


Едниот стан е на името на секретарката на фирмата на Александар Ивановски – Теранова. Таа никогаш не влегла во него, ниту има клучеви. Вториот е на истата таа фирма формирана за да се купи земјиштето на Водно

 

Полека се склопува мозаикот за двата стана што ги купил Никола Груевски на „Бихаќка“ во Скопје и за земјиштето на Водно.

Барем според исказите на сведоците на денешното рочиште за случајот „Плацеви на Водно“.

Секретарката во фирмата на познатиот Александар Ивановски -Теранова, Татјана Стојановска, денеска во судница за време на сведочењето изјави дека според имотните листови таму има два стана – еден на нејзино име, а еден на фирмата – но во суштина, тие не се нивни сопственици. Според Стојановска, тие станови се на Никола Груевски.

Одговарајќи на прашањата на обвинителката Лиле Стефанова, Стојановска ги објасни технологијата и правната постапка при купувањето на двата стана, во кои таа никогаш не влегла, ниту имала клучеви од нив. Таа рече дека дека станот на нејзино име е од 2008-2009 година. Тогаш работела во фирмата „ИТК Инженеринг“, основана во тоа време за да учествува на некој тендер.

„Директорот Александар Ивановски рече дека треба да се купи стан и така и се случи. Тој ми кажа дека треба да се купи стан за екс-премиерот Никола Груевски, да не го прислушуваат, односно да не дојдат некои непознати комшии“, рече Стојановска.

Таа објасни дека ниту дала ниту видела пари за станот, само со човек од кај Груевски отишле на нотар, потпишале и целата работа експресно се завршила. „Парите беа во агенцијата“, одговори Стојановска на прашањето на обвинителката.

Стојановска објасни дека непосредно пред Груевски да избега во Будимпешта Александар Ивановски ѝ донел договор за закуп потпишан од Груевски. „Алек ми донесе договори со Груевски за да ги потпишам и да ги врати. Тоа беше единствен пат да потпише. Во договорот не беше утврдена месечна кирија, туку дека во рок од пет години ќе се реновираат“, нагласи таа.

Двата стана биле еден до друг. На прашање на судијата Илија Трпков, Стојановска рече дека ниту фирмата „ИТК Инженеринг“, ни некои други фирми на сопственикот Александар Ивановски, некогаш ги користеле градежното земјиште или становите на „Бихаќка“, кои се на нејзино и на име на фирмата.

„Никогаш ниту јас, ниту ‘ИТК Инженеринг’ не сме ги користеле ни становите, ни земјиштето“, рече Стојановска.

Сведокот што зборуваше пред неа, Бисерка Јовковска-Ќаева, и од која и од нејзиниот сопруг Груевски го купил едниот стан, објаснуваше како дошло до тарнсакцијата. Таа објасни дека нивниот стан бил до станот во којшто живееше Груевски и дека тие го купиле за нивната ќерка која била студент. Но ние таа не живеела таму, само повремено со мочето оделе во станот.

Тие им го понудиле станот на сите соседи, вклучувајќи го и Груевски. Станот веќе бил отплатен, но постојаните легитимирања од полицијата, како и на пријателите и гостите, придонело да размислуваат за продажба на станот. Јовковска-Ќаева рече дека станот му го продале на премиерот, но дека не се виделе со него. Тоа било направено „преку негови луѓе, со кои отидовме потоа на нотар. Лично не се видов со него, туку со негови блиски луѓе“, рече таа. Јовковска-Ќаева рече дека во договорот кој е кај обвинителката пишува кој го купил станот.

На денешното рочиште сведок беше и сопственикот на „ИГМ Трејд“ од Кавадарци, Илија Гечев. Тој рече дека тогашниот министер за транспорт, Миле Јанакиески, му понудил земјиште, плац на Водно од 1.200 метри квадратни, кој бил над куќата на Вилма Трајковска. Според неговите зборови, тоа земјиште чинело 1,2 милиони евра и дека му било кажано во Министерството дека земјиштето „е на фамилијата на Панделевски од ‘Пелистерка’ и со тоа заврши разговорот. После тоа јас не се интересирав, ниту да градам ниту да инвестирам, и со тоа заврши“, рече Гечев.

Според обвинението, Груевски, од 2006 до 2012 година, како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, дел од партиските донации ги задржувал за себе, па така прибрал најмалку 1,3 милиони евра. (Н.В.)