Пит и Дикаприо на прес-конференција во Кан: Имаме одлична филмска врска


Франција – Холивудските ѕвезди Бред Пит и Леонардо Дикаприо изјавија дека изградиле филмска врска при снимањето на новиот филм на Квентин Тарантино „Беше еднаш во Холивуд“, додека Тарантино се разгневил на сугестијата на Канскиот филмски фестивал дека ликот на Шарон Тејт одигран од Марго Роби не е доволно примарен лик во филмот.

„Беше еднаш во Холивуд“ ја доживеа својата свечена премиера завчера во Кан, 25 години откако филмот „Евтини приказни“ на Тарантино дебитираше на фестивалот „Француска ривиера“, каде што ја освои „Златната палма“. Најновиот филм на Тарантино е за актер (Дикаприо) во телевизиски вестерн-филмови и неговиот дублер (Пит) во 1960-тите во Лос Анџелес, и се одвива во исто време со убиствата на Менсон.

Ова е првпат Дикаприо и Пит да направат филм заедно, иако двајцата имаат глумено заедно во 2015 година, во филм режиран од Мартин Скорсезе. И двајцата сугерираа дека тоа можеби не е последен пат да се најдат заедно на филм.

„Има неверојатна леснотија и удобност кога се работи заедно со Бред. Ние пораснавме во истата генерација, почнавме да се пробиваме во филмската индустрија во исто време“, рече Дикаприо. „Ние заедно изградивме, се надевам, одлична филмска врска во филм за нашата индустрија“.

Пит се согласи со Дикаприо. „Тоа е она кога знаете дека го имате најдобриот од спротивната страна на масата што ја држи сцената заедно со вас“, рече тој. „Се надевам дека ќе имаме шанса повторно да работиме заедно“.

Очекувањата и гламурот на „Беше еднаш во Холивуд“ донесоа нетрпеливост и возбуда како никогаш досега на годинешниот Кански фестивал. Уметничкиот директор на фестивалот, Тиери Фремо, очајно бараше филмот да биде вклучен во фестивалот. Филмот се додаде подоцна на фестивалот, откако Тарантино успеа навреме да ја заврши постпродикцијата.

Влогот е висок за „Сони пикчрс“, кој му даде на Тарантино буџет од 95 милиони долари за да го направи она што Дикаприо го нарече „неговото љубовно писмо до индустријата“. Вчера шефот на „Сони пикчрс“, Том Ротман, седеше во првиот ред, додека Тарантино и неговиот актерски тим разговараа со новинарите.

Тарантино стана самостоен режисер во Холивуд по падот на неговиот редовен продуцент, Харви Вајнстин. Режисерот претходно призна дека знаел за некои од обвинувањата против Вајнстин со години велејќи: „Знаев доволно за да направам повеќе отколку што направив“.

Тарантино вчера не го спомна ниту Вајнстин ниту контроверзноста минатата година поврзана со Ума Турман. Актерката рече дека поради небезбедната ситуација при снимањето на каскадерските сцени на „Убиј го Бил“ вратот и колената ѝ останале трајно оштетени. Тарантино подоцна се извини нарекувајќи го инцидентот „најголемото каење во мојот живот“.

Но тој беше запрашан за неговото мислење за режисерот Роман Полански, кој беше сопруг на Тејт во времето на убиствата на Менсон. Одигран од Рафал Завиеруча, Полански се појавува само кратко во „Беше еднаш во Холивуд“. Тарантино претходно го бранеше Полански за сексуалните односи со 13-годишно девојче велејќи му на Хауард Стерн во 2003 година дека таа го сакала тоа.

Тарантино на пресот изјави дека е голем обожавател на „Бебето на Розмари“ на Полански. Тој рече дека не се консултирал со Полански за новиот филм.

„Беше еднаш во Холивуд“, кој ќе се прикажува во кината во САД од 26 јули, се здоби со многу добри критики во Кан, а критичарите филмот го нарекоа носталгична ода за Холивуд од минатото.

Запрашан дали повеќе би сакал да снима филмови во 1969 година отколку сега, Тарантино рече: „Го сакам кое било време пред мобилните телефони“.