Пит Бутиџиџ се откажа од претседателската трка во САД


Пит Бутиџиџ ја заврши својата кампања за номинација за претседател кај демократите со повик сите заедно да се приклучат во нивната борба да го победат Доналд Трамп на изборите. 38-годишниот поранешен градоначалник на Саут Бенд никогаш не бил на државна функција, но направи силен успех на примарните избори во Ајова, каде победи тесно пред Берни Сандерс, а се најде на второто место во Њу Хемпшир.

Но, Бутиџиџ драматично заостана во Невада и Јужна Каролина, првите две држави каде има влијателни блокови на малцинства.

Говорејќи пред поддржувачите во Саут Бенд во неделата вечерта, Бутиџиџ издаде повик за единство. „Денес е момент на вистината… вистината е дека патот се стесни за нашата кандидатура, но не и за нашата кауза“, рече тој.

„Мора да признаеме дека во овој момент од трката, најдобриот начин да се задржи вербата во тие цели и идеали е да се тргнеме настрана и да помогнеме да се обединат нашата партија и земјата“.

Поранешниот потпретседател Џо Бајден победи на примарните избори Јужна Каролина во саботата со убедлива маргина. Следниот датум на календарот е Супер вторникот на 3 март, кога ќе гласаат 14 држави, Американска Самоа и демократите кои живеат во странство.

Бајден ќе се обиде да ја собере поддршката од Бутиџиџ додека се обидува да се постави како умерен избор наспроти Сандерс. Прогресивецот од Вермонт, самопрогласен демократски социјалист, седи во Сенатот како независен. Функционери од партијата стравуваат дека тој нема да може да го победи Доналд Трамп во ноември.

Сенаторот на Минесота, Еми Клобучар, сè уште е во трка и веројатно нема да се повлече пред гласањето во нејзината држава во вторник. Поранешниот градоначалник на Њујорк, милијардерот Мајк Блумберг, исто така, е центристички кандидат за номинацијата, но тој сам ја финансираше својата кампања и сè уште не излегол на примарни избори.

Другиот умерен милијардер, Том Стаер, испадна од трката во саботата навечер.