Писмо од Шпанија: Како вирусот се рашири толку брзо и толку страшно


Со мерките за вонредната состојба секое движење надвор од домот е забрането, освен доколку одите во супермаркет, аптека, болница

Културата на „дружење“ кај Шпанците е во нивните гени, па и тоа е една од причините за брзото ширење на корона вирусот во земјата

 

Темјана Поповска

(Специјално за „Независен“)

Валенсија – Празни улици, затворени продавници, пазари, ресторани и кафулиња. По сончевите пешачки авении, меѓу палмите и она што до пред една недела беше најживиот дел на еден приморски град како Валенција може да се забележат неколку пешаци и силна полициска контрола.

По огромниот пораст на позитивни случаи за Корона вирусот во Шпанија (во моментот кога е пишуван текстот 33.000 болни и 2.200 починати), државата презеде драстични мерки и преку ноќ воведе вонредна состојба, полициски час и бројни драстични мерки за ограничување на движењето.

Вонредна состојба ја прогласи Педро Санчез, премиерот на Шпанија на 14 март, (сабота), но сите мерки комплетно стапија на сила по викендот. Во оваа ситуација комплетната надлежност за државата е во неговите раце заедно со помошта од министрите за здравство, одбрана, внатрешни работи и министерот за транспорт, мобилност и урбана агенда. Регулативите на посебните региони кои инаку функционираат автономно со свои претседатели во моментов се суспендирани.

Шпанците се многу весел народ, тие буквално живеат на улица и ретко седат дома. Културата на „дружење“ е толку навлезена во нивното секојдневие што никој не може да си го замисли денот без типичиот „алмуерсо“ (оброк меѓу доручек и ручек што најчесто вклучува сендвич со шпанска тортиља и пиво заедно со колегите/пријателите како мини пауза од работа). Така, сега го нема веселиот џагор на масите во рестораните и кафеата, туку дружење преку балконите.

Што прави обичниот Шпанец во моментов, за време на вонредната состојба кога градовите изгледаат како сцена од апокалиптичен филм?

Со мерките за вонредната состојба секое движење надвор од домот е забрането, освен доколку одите во супермаркет, аптека, болница, да го прошетате вашиот домашен миленик или да се погрижите за член од семејството кој што е неподвижен.

Државните институции работат во намален капацитет или онлајн, а приватните компании треба да им издадат посебен документ на вработените чија дејност не може да се работи од дома и мораат да одат физички на работа.

Дозволено е само индивидуално движење за горенаведените потреби и секое групирање дури и по двајца е казниво. Не е дозволено ниту два члена од исто семејство да бидат во ист автомобил, ниту пак да се движат кон супермаркет заедно. Казните за непочитување на мерките на вонредната состојба се од 500 до 2.000 евра, но можен е и притвор. Медиумите пишуваат за илјадници пишани казни и стотина притворени граѓани низ целата држава кои биле фатени како не ги почитуваат правилата.

Сепак друштвените Шпанци во првите денови од вонредната состојба се обидуваа да најдат начин да се видат, да поразговараат и да ги уживаат пролетните сончеви пролетни денови.

„Првите денови од вонредната состојба моите пријатели кои имаат кучиња и живеат релативно блиску, се наоѓаа еднаш дневно во околните паркови и поминуваа некое време надвор. На дистанца од 1.5 метар секако, но сега тоа е веќе невозможно“, вели Хорхе Г., жител на Валенција.

Властите многу брзо сфатија дека ќе биде тешко за народот да ги следи сите правила, особено што ова е прва вонредна состојба за демократска Шпанија по режимот на Франко. Сега парковите се затворени, а доколку го шетате вашиот домашен миленик мора да ја носите неговата исправа во која стои дека е регистриран под вашето име.

Околу супермаркетите патролираат полициски службеници проверувајќи ги фискалните сметки на граѓаните за потврда дека навистина биле во супермаркет или аптека. Властите се надеваат дека со ова луѓето конечно ќе престанат да бараат изговори за да бидат излезени надвор и ќе започнат да ги почитуваат сите мерки во целост. Сепак, паника нема. Доколку излегуваат, луѓето се однесуваат нормално, некои носат маски/ракавици, но многумина се без нив. Се чекаат редови за влез во супермаркетите за да избегне гужва, а намирници и хигиенски продукти има секаде.

Со самото започнување на втората недела од вонредна состојба и карантин, владата објави затворање на сите аеродроми и пристаништа. Дозволен е влез само на шпански граѓани или резиденти на ЕУ кои се враќаат на своето постојано место на живеење.

Сето ова ќе има огромни последици на економијата, oсобено што голем дел од шпанската популација живее од туризам. До 26 март сите хотели и туристички центри мора да бидат затворени со што 162.420 луѓе ќе останат без работа и со социјална помош.

Болниците се полни, но сѐ уште имаат капацитети. Иницијативата за пренаменување на хотели во болници веќе започна во Мадрид, каде што два хотели се оспособени за медицинска употреба. Во повеќе региони е започната изградба на привремени монтажни болници како и пренаменување на постари објекти кои не се веќе во употреба. Дури 12 отсто од болните од корона вирус во Шпанија се медицински лица, па затоа министерството за здравство веќе објави повик за времено вработување на медицински персонал. Може да се пријават сите кои имаат медицинско образование или се во последната година од студии, како и сите пензионери под 70 години.

Како започна сѐ?

На 31 јануари на Канарските острови беше регистриан првиот случај на корона вирус во Шпанија – германски турист којшто претходно бил во контакт со заболена личност. Тој бил дел од петчлена туристичка група која веднаш била била ставена под набљудување. По ова следуваа неколку регистриани случаи на други острови, а на 26 февруари беше хоспитализиран првиот корона случај на копно во Барселона, италијанска државјанка која само што била дојдена од Милано. Оттогаш, за помалку од еден месец, болеста се разви во страшна епидемија, која го смени целото општество, особено неговите навики.