Писателската организација во криза – во ДПМ пак немаше кворум за собрание


Фото: Б. Грданоски

 

Пропадна и вториот обид за продолжување на Вонредното изборно собрание на Друштвото на писателите на Македонија откако повторно денеска немаше кворум. 

Од ДПМ информираа дека продолжението на седницата на Вонредното изборно собрание закажано за денеска во 11 часот не се одржа поради немање кворум.

Вонредното изборно собрание претходно требаше да се одржи на 25 ноември 2023 година, но исто така не се одржа поради немање кворум за работа.

За оваа седница останува важечка кандидатурата на писателот Мирче Нешовски за претседател на ДПМ.

Од четворицата кандидати за претседател на ДПМ, досега се откажаа тројца. Блаже Миневски, Живко Грозданоски и Гоце Ристовски.

Блаже Миневски преку соопштение образложи дека ја повлекува кандидатурата поради непроменетата состојба во врска со избирачкиот список, начинот на (не)информирање на членството и неисплатените патни трошоци на членовите од внатрешноста што присуствуваа на Вонредното собрание, како и поради информациите во врска со нелегитимноста на изборните процеси и раководењето на ДПМ што се појавија во јавноста.

Тој додаде дека писателската асоцијација на Македонија за првпат во своите 77 години се наоѓа на чекор од самоукинување. ДПМ, како што вели, мора да фати приклучок со новото време, излегувајќи од бездната во кое е фрлено свесно или несвесно во изминатиот период.