Пирова победа на Мексико над С. Арабија, Аргентина и Полска одат понатаму


epa10339693 Democratic Representative from New York Hakeem Jeffries (C) speaks to the media after fellow Democrats elected him the new Minority Leader of the House in the US Capitol in Washington, DC, USA, 30 November 2022. In addition to Jeffries, Representative Pete Aguilar of California (R) was elected to Chairman of the Party Caucus, and Representative Katherine Clark of Massachusetts (L) was elected as Minority Whip. EPA-EFE/JIM LO SCALZO

Драматично до последниот свиреж на судиите вечерва беше на натпреварите Аргентина – Полска и Мексико – Саудиска Арабија во рамки на последното коло во групната фаза на Групата Ц на Мундијалот во Катар.
Репрезентацијата на Аргентина доминираше против Полска и го освои првото место во групата Ц, но двете селекции одат во осминафиналето.

Фудбалерите на Аргентина се пласираа во осминафиналето на Светското првенство од првото место во групата Ц благодарение на победата од 2-0 (0-0) против Полска во натпреварот од третото коло одигран на стадионот 974, а во осмина финалето се провлече и Полска на второто место, благодарение на подобрата гол разлика од третопласираниот  Мексико. Стрелци за Аргентина беа Алексис Мекалистер (46) и Џулијан Алварез (67).

Во другиот натпревар репрезентацијата на Мексико ја победи Саудиска Арабија со 2:1, но нема да го види осмото последователно осминафинале на Мундијалот.

Мексико со „пирова победа“ ја совлада Саудиска Арабија со головите на Хенри Мартин (47) и Луис Чавез (52), а Салем Ал Даусари (90+5) намали на 2-1.

Аргентина го заврши натпреварувањето во групата со шест бодови, а Полска и Мексико со по четири. Сепак, Полска имаше гол разлика 2-2, а Мексико 2-3, додека Саудиска Арабија остана на дното со три бода. На натпреварот меѓу Мексико и Саудиска Арабија до самиот крај беше 2-0 за Мексико, но Мексиканците напаѓаа барајќи трет гол бидејќи во спротивно ќе испаднеа поради поголемиот број на добиени жолти картони, а во тие напади на крајот примија гол во петтата минута од судиското надополнување од контранапад.

Аргентина беше доминантна репрезентација во првото полувреме, упатувајќи дури 14 удари кон полскиот гол, од кои девет кон голот, но Војчех Шчесни одлично се снајде, ги запре сите тие обиди и ја задржа својата репрезентација на чело на групата.

Првата голема шанса Аргентина ја создаде во 28. минута кога обидот на Алварез беше сопрен од блок, а потоа топката се одби од ударот на Акуна, но тој не беше прецизен. Пет минути подоцна Ди Марија се обиде директно од корнер, но Шчесни беше подготвен и ја повлече топката која отиде под гредата.

Во 36. минута Аргентина ја доби својата најголема шанса, Мекалистер одлично проигра покрај Алварез кој шутираше од околу 10 метри, но повторно Шчесни беше на место, во продолжението на акцијата имаше центаршут на втората статива каде беше Меси, кој промаши, но дојде до контакт меѓу главата на Меси и дланката на Шчесни, а холандскиот судија на чело со озлогласениот Макелие, откако ја прегледа снимката, се одлучи за пенал. Фантастичниот Шчесни брилијантно го сопре ударот на Меси од белата точка.

За голманот на Јувентус ова беше втор пенал на ова СП, пред четири дена исто така спречи обид на Саудиецот Ал-Давсари.

Полскиот голман одлично го заврши првото полувреме во 43. минута кога од 16 метри го одбрани обидот на Алварез.

Сепак, сите одлични одбрани на Шчесни паднаа во вода веќе во првата минута од рестартот. Молина и Ди Марија искомбинираа на десната страна, по што следеше повратна топка од земја на 10 метри каде натрча Мекалистер и ја доведе Аргентина во водство со својот прв гол за националниот тим. 

Полска веднаш по примениот гол имаше одлична можност да израмни. Во 49. минута Зиелински изведе слободен удар од десната страна, Глик беше највисок во скокот пред аргентинскиот гол, но неговиот удар со глава помина покрај стативата.

Мекалистер можеше да го постигне својот втор гол на натпреварот во 61. минута, овој пат Таљафико го пронајде во полскиот шеснаесетник, но овојпат ударот на играчот од средниот ред на Аргентина го одбрани Шчесни.

Аргентина ја зголеми предноста во 67. минута, Фернандез го проигра Алварез, кој беше на околу 15 метри од полскиот гол со грб кон голот, но младиот напаѓач молскавично се сврте и го погоди горниот лев агол на немоќниот Шчесни.

Меси пропушти уште една шанса за гол во 71. минута, но повторно Шчесни излезе како победник во нивниот дуел. Две минути подоцна Алварез повторно се закани, но овој пат ја погоди надворешната страна од мрежата. Лаутаро Мартинез имаше шанса за трет гол на Аргентина во 86. минута кога и побегна на одбраната на Полска, но шутираше далеку. На почетокот на судиското надополнување се закани и Таљафико, но неговиот удар го отстрани Кивиор од гол-линијата и ја спаси репрезентацијата од предвремено излегување од натпреварувањето.

Во текот на целиот натпревар Полска упати само три шута кон голот на Аргентина, од кои ниту еден не влезе во рамката, додека Аргентина шутираше дури 24 пати, од кои 13 во рамката, па конечните 2-0 беа премала разлика.

Така Аргентина во сабота ќе игра во осминафиналето против втората селекција од групата Д, Австралија, додека Полска во недела ќе игра против победникот на групата Д и бранителот на титулата Франција.

Дуелот во Лусаил меѓу Саудијците и Мексиканците ветуваше фудбалски огномет, а на крајот и двете селекции беа елиминирани. Саудијците сосема заслужено, бидејќи со лошите игри покажаа дека случајно ги добија Аргентинците, а на крајот Мексиканците беа на само еден гол до осминафиналето, а кога тргнаа на тоа Саудијците ги казнија. Мексиканците на тој начин ја прекинаа големата серија, бидејќи на седум светски првенства по ред стигнаа до нокаут фазата.

Мексиканците можеа да постигнат гол веќе во третата минута, кога Алексис Вега излезе сам пред голманот, упати низок удар кон средината на голот, но Мохамед Ал Овејс е подготвен и со нозете и телото го спречува неговиот обид.

Во 26. минута Орбелин Пинеда промаши зицер пред голот, шутираше волеј во долниот лев агол, но Мохамед Ал Овејс повторно одбрани. Во судиското надополнување се појавија и Саудијците, Али Ал Хасан шутираше со глава, но веднаш до стативата.

А потоа следеше мексиканскиот ураган во вториот дел. Во 47. минута Хенри Мартин погоди од непосредна близина откако Цезар Монтес му асистираше со петтата. Само пет минути подоцна Луис Чавез од слободен удар го постигна најубавиот гол на шампионатот досега. Тогаш на Мексиканците им беше поништен голот поради офсајд, а подоцна судијата, не им даде право кога побараа пенал.

Во 67. минута голманот на Саудиска Арабија го одбрани ударот на Ирвинг Лозано, а во 70. минута волеј на Мартин го промаши голот додека мексиканските напади продолжија во потрага по уште еден гол.

На две минути пред крајот тој гол го постигна Уриел Антуна, но истиот беше поништен поради офсајд, а потоа ударот на Лозано за чудо го одбрани саудискиот голман. И додека Мексико беше во потрага по гол достоен за осминафиналето, арапскиот тим постигна гол. Саудијците одиграа прецизна акција со двојно додавање, по што Салем Ал Даусари погоди покрај Очоа и ги растажи Мексиканците.