По Милано, пред Сан Франциско – Пинокио прослави 140 години во Скопје (галерија)
По повод Денот на италијанскиот дизајн 2024 година, денеска во галеријата Чифте амам во Скопје беше отворена изложбата „Најдрагиот Пинокио“, чиј куратор е Џулио Јакети, со изложбениот проект на Матео Верчелони и графички на Федерика Марциале Јадеваја.

Евокативната гостувачка изложба од Музејот за дизајн ADI е посветена на 140-та годишнина од првото издание на славната кукла, прикажувајќи ги проектите што го толкуваат наследството на „Авантурите на Пинокио“ преку модерната визура на дизајнот.

Изложбата е преглед на 62 нови дела специјално создадени за оваа пригода од 31 италијански дизајнер и 31 графички дизајнер, но нуди калеидоскопска визија за италијанскиот дизајн и неговите работници, креатори на безвременски предмети и производи.

Изложбата ја организираа Италијанската амбасада во Скопје и Канцеларијата на ИТА во Скопје, во соработка со музејот АДИ од Милано и Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка од Рим.

Националната галерија е првата дестинација откако Музејот за дизајн ADI на италијанската публика ја понуди можноста да ужива во поставката, во Милано, во периодот од 30 ноември па се до 4 февруари 2024. По 28 март овој исклучителен проект заминува за Сан Франциско во САД.

Денес, отворањето на изложбата, предизвика голем интерес на многубројната публика, од деца, стиденти, културни работници и претставници на дипломатскиот кор во земјава.

„Поголем дел од посетите се веќе закажани, од децата од основни училишта до децата со попреченост. Ќе организираме работилница за деца на која ќе ја изработуваат куклата Пинокио од дрва и други материјали, рече амбасадорот Андреа Силвестри на денешното отварање.

„Тешко дека во изложбата можете да најдете двајца слични Пинокио. Таа е поделена во два дела. Првиот дел е составен од вистински објекти, вазни, држачи за свеќи и слично, а во вториот дел има дрвени играчки направени од различни италијански компании, појасни Лука Мадонини, дизајнер.


