Пињера ја спасува власта со смени во владата


Сантијаго – Претседателот Себастијан Пињера се соочи со нови протести во понеделникот, откако замени осум членови на кабинетот, вклучувајќи ги и министрите за внатрешни работи и финансии – чистење на куќата чија цел е да ја намали најголемата политичка криза од враќањето на демократијата во Чиле во 1990 година.

Протестите минатата недела, кои излегоа надвор од контрола, го натераа Пињера да вети поволни промени за работниците. Централнодесничарскиот милијардер, кој ја победи левичарската опозиција на изборите во 2017 година, вети дека ќе ги зголеми минималната плата и пензиите, ќе ги намали цените на лековите и јавниот превоз и ќе обезбеди соодветно здравствено осигурување.

Во понеделникот Пињера го разреши министерот за внатрешни работи Андрес Чадвик, негов братучед и долгогодишен човек од доверба кој минатата недела се најде под оган откако ги нарече демонстрантите „криминалци“. Тој го замени Чадвик, десничарски политичар, со Гонзало Блумел, 41-годишен министер и врска со законодавниот дом.

 

Пињера, исто така, го назначи Игнасио Брионас, професор по економија, како замена за министерот за финансии Фелипе Ларен.

„Чиле се смени и владата мора да се промени со неа за да се соочи со овие нови предизвици“, рече Пињера во телевизискиот говор од претседателската палата Монеда.

Промената следуваше по една недела немири, подметнување пожари и протести за нееднаквоста што остави најмалку 17 мртви. Илјадници беа уапсени, а чилеанските бизниси изгубија 1,4 милијарда долари. Со популарноста на Пињера, која е на најниско ниво, Чилеанците повикуваа на нови протести и Обединетите нации испратија тим за да ги испитаат обвинувањата за злоупотреби на човековите права.

Како што зборуваше Пињера, демонстрантите веќе започнаа да се собираат пред претседателската палата во центарот на Сантијаго мавтајќи со знамиња, свирејќи во свирчиња и повикуваа на негово соборување. Тие брзо беа растерани од безбедносните сили со солзавец.

Подоцна истиот ден, стотици почнаа повторно да се собираат на митинг во Плаза Италија, еден од централните плоштади во градот.

Чиле, врвен светски производител на бакар, долго време беше фален како една од најпросперитетните и стабилни економии во Латинска Америка, со ниско ниво на сиромаштија и невработеност.

Но гневот поради вкоренетата нееднаквост и спиралните трошоци за живот се собираше под површината. Протестите што избувнаа минатата недела наликуваа на слични сцени низ целиот свет во последните месеци, при што демонстрантите од Хонгконг преку Бејрут до Барселона се лути на владејачките елити.

Според анкетата на „Кадем“ објавена во неделата, 80 отсто од Чилеанците не ги сметаат предлозите на Пињера за соодветни, што тој го призна во својот говор во понеделникот.

„Знаеме дека овие мерки не ги решаваат сите проблеми, но тие се важен прв чекор“, рече Пињера.

Демонстрантите немаат ниту еден водач или портпарол. Фрустрираните опозициски партии во Чиле ги поддржаа демонстрациите, но не ги водеа.

Празнината придонесе да се појават повеќе екстремни предлози од групите, рече Гилјермо Холцман, политички аналитичар на Универзитетот во Валпараизо.

„Вакуумот на моќ дозволува политичката агенда да биде преземена од овие барања и тука владата мора да ја преземе контролата“, рече тој за Ројтерс, додавајќи дека измените на кабинетот на Пињера биле „неопходни, но не и доволни“.

Минатиот петок, милион Чилеанци од сите страни маршираа низ центарот на градот Сантијаго, барајќи промена на социјалниот и економскиот модел. Тоа беше најголемиот протест од враќањето на Чиле во демократијата.

Во понеделникот изутрина, луѓето во Сантијаго се вратија на училиштата или на работа низ сообраќајниот метеж, раздвиженото метро, графити и ѓубре и скршени стаклени низ улиците од денови на немири.

Хорхе Сепулведа, 33-годишен возач на камион, рече дека континуираните немири му наштетиле.

„Не велам дека луѓето немаат право да протестираат, но ова почнува да влијае врз сите нас“, рече тој додека пуши цигара на уличен агол во центарот на градот. Но, рече тој, најавите на Пињера допрва треба да го задоволат.

„Тој треба да ги слуша луѓето“, рече Сепулведа. „Ова сè уште не е завршено“.

Поддршката за Пињера падна на само 14%, што е најнизок рејтинг за одобрување на чилеанскиот претседател од враќањето во демократијата, покажа анкетата на „Кадем“.

Многумина ја критикуваа одлуката на Пињера да го смести Сантијаго под воена контрола велејќи дека тој се вратил на мрачното владеење на диктаторот Аугусто Пиноче. Пињера ја укина вонредната состојба на полноќ во понеделникот.

Шефот на човековите права на УН, Мишел Башеле, социјалист и поранешен претседател на Чиле, испрати мисија за откривање факти во јужноамериканската нација да спроведе независна истрага околу тврдењата за злоупотреба од страна на безбедносните сили. Пињера во понеделникот рече дека ја поздравува нивната посета, велејќи дека „нема што да криеме“. (Ројтерс)