Пимен: Христос ќе воскресне и без вас


Митрополитот европски, Отец Пимен, се произнесе во врска со реакциите во јавноста за тоа дека црквите за Велигден ќе бидат отворени, повикот за причест и за изјавата на премиерот Оливер Спасовски, дека власта не може да нареди црквите да бидат
затворени.
„Ете нѐ пак, полека но сигурно влеговме и во последната недела од Великиот пост.
Влеговме во Страсната седмица во која Нашиот Господ и Спасител Исус Христос излезе
на доброволни страдања заради нас луѓето и нашето спасение. Но, за жал, влеговме и во неделата на пикот на пандемијата од која заради нас и нашата
непослушност страдаат наши ближни“, напиша тој во колумна за mkd.mk.

„И, што научивме низ овие денови, ем посни, ем обременети со страв и неизвесност?
Зарем со целата онаа побожност што ја носиме во себе и поради која постиме, не
научивме дека Христос ќе воскресне и без било кого од нас што не отишол на
Воскресната литија и дека можеме насекаде смирено и побожно да го дочекаме
Воскресението, дури и во нашите домови.

Та Христос не воскресна само во Ерусалим, та Христос не воскресна само во храмовите. Христос воскресна за сите, за секој и секаде. Христос воскреснува во срцето на секој еден од нас што со устата исповеда, а со срцето верува во Воскреснатиот. Чувајте ги овие зборови во срцата ваши и бидете мудри и послушни. Не бидете злобни. Нели сте слушнале од вашите духовници дека послушанието е голема добродетел во духовниот живот, па така знаејќи го ова, ќе ги послушате ли вашите отци или ќе терате самоволие?

Од нас зависи во каков спомен ќе ни остане овој Велигден. Ќе го паметиме овој Велигден по гневот што го собираме во себе и кој го истураме врз
оние кои ни ги задаваат мерките и препораките? Кон свештенството што не се заложило за отворени богослужби? Ќе го паметиме по сите оние напади што ги трпи свештенството и верниот народ од оние кои нѐ сметаат за назадни и неодговорни, бидејќи не сме ги затвориле црквите и со тоа од нашата лакомост за пари сме се покажале како несовесни граѓани кои помагаат при ширењето на опасниот
и смртоносен вирус? Или, можеби ќе го паметиме овој Велигден и ќе му благодариме на Бога како Велигден во кој сме имале доволно време за себе за да размислиме колку сме подивеле од секојдневната трка со животот и материјалните потреби и дека не е невозможна мисија ако се сака, да можеме да најдеме време за себе?

Некои за жал ќе го паметат со мислите насочени кон своите разболени ближни, а со
молитвите кон бога воскреснатиот за нив. Зарем ни на момент не помислуваме дека можело и полошо да поминеме со построги мерки? Зарем не наоѓаме во срцата наши благодарност кон Бога што ќе имаме богослужби? Дека нема нашите цркви да се празни дури и без свештеници во нив?

И уште нешто што слушам дека се шушка меѓу верниот народ. Нека нѐ ве води мисла
дека ова е прогон на Црквата. И не бојте се. Времена мерка на претпазливост е ова. Не дај Боже, ако стане трајна, па да се користат искуствата на раната Црква од првите три века. И, затоа повторувам… Далеку сме од тие времиња. Но и да сме блиску. Што можеме повеќе да направиме од она што како христијани треба да го правиме секој ден? Што на пример ако знаеме и дека ги живееме последните времиња? Нели ние христијаните секој ден го живееме како последен? Што ако знаејќи дека за месец дена ќе дојде крајот на светот, натрупаме залихи на храна?
Ќе живееме неколку месеци повеќе од оние што не верувале дека, ете, доаѓа крајот?
Оставете го стравот, оставете го гневот. Не се влегува во воскресението ниту со едното, ниту со другото, туку со чисто срце и просветлен ум. Оставете ја и демонстрацијата на сила и повици за непослушност.

Верувајте во воскресението на Христа, а не во местото на воскресението.
Ќе повторам: ‘Христос ќе воскресне секаде, за сите и за сѐ’“, напиша меѓу другото митрополитот Пимен.