Пикот на епидемијата во Македонија на крај на април


Фото: Б. Грданоски

И покрај наглиот пораст на заразени во земјата здравствените власти и натаму проценуваат дека пикот на епидемијата ќе биде на крајот на април и дека бројката на заболени ќе биде околу 2.000. Главен проблем и натаму е грубото прекршување на препораките за самоизолација и останатите мерки, поради што во Владата размислуваат за поостри мерки во идниот период. Неофицијално се очекува да се продолжи траењето на полицискиот час, односно тој да почне порано. Од владини извори порачуваат дека никаква интервенција нема да ги спаси тие што го прекршуваат полицискиот час и тие што треба да бидат во карантин а не го прават тоа.

-Најголем проблем е што граѓаните не ги кажуваат вистинските податоци и не се придржуваат на мерките, велат владини извори со додавка дека „можеби ќе мора да се донесат подрастични мерки од овие што се сега на сила“.

Здравствените власти забрзано се подготвуваат за епидемијата при што сега се пополнети една четвртина од обезбедените легла во Инфективната клиника, каде што има 110, а ако таму нема место ќе се префрлаат болните во болницата  8 Септември, каде што се подготвуваат 400 места  во целосно изолиран оддел.

Во моментов од сите заболени само еден пациент е на респиратор, но се следат внимателно и другите бидејќи може да дојде до ненадејно влошување на состојбата. Засега се утврдени четири извори на зараза во државата, главно вратени од Италија, Австрија и од Банско, а ниту еден случај не е авохтон, од земјата.

-Нема ниту еден за кој не знаеме од каде е заразен, нагласуваат здравствените власти. (С.Ј.)