Пике: Срам е вистинскиот збор, прв ќе си заминам


Дефанзивецот на Барселона, Жерард Пике го оцени како срамен поразот од Баерн со 2:8 во четвртфиналето на Лигата на шампионите.

– Кошмарна игра, ужасно чувство, срам – тоа е вистинскиот збор за тоа. Не можете да играте така на европските натпреварувања и ова не е прв, втор или трет пат што ни се случува. За нас е многу тешко и се надевам дека може да научиме корисна лекција од ова, изјави Пике.

Тој побара брзи промени.

– Потребна е реакција, потребни се промени. Сега не зборувам за тренерот или играчите, не сакам да му укажувам на никој, но структурни промени се потребни насекаде, затоа што ова не е прв пат тоа да се случи. Нема недопирливи, јас сум подготвен да заминам ако е потребна нова крв и друга динамика. Јас сум првиот што е подготвен да заминам тогаш, затоа што го достигнавме дното, додаде Пике.

Инаку, ваков пораз Барселона има доживеано во далечната 1946 година.

Тогаш Барселона загуби од Севиља во Купот на Шпанија со резултат 0:8.

Воедно, капитенот на Барселона, Лионел Меси го претрпе највисокиот пораз во неговата кариера, на клупски и репрезентативен натпревар.

Претходно Меси го имаше највисокиот пораз во дресот на Аргентина, од Боливија со 1:6 во 2009, а со Барса има загубено 0:4 од Ливерпул, ПСЖ и Баерн.