Пијанистката Мимоза Ќека со рецитал во МКЦ во Њујорк


Во Македонскиот културен центар (Gallery MC) во Њујорк денеска ќе се одржи рецитал на пијанистката Мимоза Ќека.

Рециталната програма вклучува фундаментални дела за пијано од музиката на 18, 20 и 21 век, со дела од македонски современи композитори.

– Рециталната програма му овозможува на слушателот да го осознае стилот на компонирање на современите македонски композитори од втората половина на 20 век па сѐ до денес: Свитата за пијано соло оп. 27 од Томислав Зографски, објавена во 1960 година, како и Вечеринките врз теми од македонски народни песни за пијано оп. 52 од Димитрије Бужаровски објавени во 2004 година. Свитата е една од најизведуваните композиции од Томислав Зографски, а за неа добил прва награда на првиот конкурс за класична музика во 1960 година. Во однос на Вечеринките, овој циклус на композиции е напишан во музичката форма Ноктурно и обработуваат теми од македонски народни песни. Проектот е поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија, вели пијанистката Ќека.

 

Пијанистката Мимоза Ќека во 2022 година го објавува албумот NON-FUNGIBLE, како и книгата „Употребата на дигиталните технологии во квантитативната анализа на пијанистичката интерпретација”.

Мимоза Ќека настапува на повеќе фестивали, помеѓу кои Златна лира, Есенски музички свечености, Денови на македонска музика, Musica Viva, Нов културен бран, Festival international de piano Jeunes Talents во Монтрон-ле-Бен, Франција и Фестивалот на класична музика во Сиена, Италија.