Пиењето 100% овошен сок е поврзано со зголемување на телесната тежина


Пиењето една или повеќе чаши 100% овошен сок дневно е поврзано со мало зголемување на телесната тежина кај децата и возрасните, покажува нова студија за преглед.

„Фундаменталниот проблем со сокот е количината, бидејќи со овој начин на консумирање овошје полесно се предозираме“, вели експертот за исхрана од Харвард, Волтер Вилет.

„На пример, колку често јадеме три портокали? Има околу три портокали исцедени во чаша сок, и можеме да ги испиеме за минута или две и потоа да си дотуриме. Ова носи многу калории и доведува до скок на нивото на гликозата во крвта“, објасни тој.

„Нема здравствена причина да се консумира сок наместо овошје и зеленчук“
Со текот на времето, премногу шеќер во крвта може да доведе до отпорност на инсулин, дијабетес, срцеви заболувања, дебелина и други хронични заболувања.

„Иако заклучоците од студијата не покажаа директна причинска поврзаност, наодите се сосема валидни и се совпаѓаат со она што го гледаме клинички“, рече педијатрискиот ендокринолог Тамара Ханон од Американската академија за педијатрија (ААП), како што пренесува Си-ен-ен.

Поради загриженоста за зголемувањето на дебелината и расипувањето на забите кај децата, ААП ги советува родителите целосно да избегнуваат да даваат овошен сок на бебиња под една година и да ја ограничат потрошувачката кај постарите деца.

„Нема здравствена причина да консумирате сок наместо овошје и зеленчук, освен ако вашето дете не може да толерира таква диета поради некоја причина“, рече Ханон. Според експертите, тинејџерите и возрасните не треба да пијат повеќе од 200 мл 100% овошен сок дневно, а сокот не треба да се смета за здрав начин за гасење жед. Водата првенствено ја има оваа функција.

Како овошниот сок влијае на телото
Некои можеби се запрашале како 100% овошниот сок може да му наштети на телото – овошјето е здраво, нели? Но, постои разлика помеѓу овошјето и неговиот сок.

„Целото овошје и зеленчук се преполни со хранливи материи – јаглени хидрати, протеини, масти, минерали и витамини кои се наоѓаат во влакната“, рече Ханон.

„Кога го отстрануваме тврдиод дел, ги отстрануваме влакната и некои други делови од храната, нашето тело го вари и го метаболизира остатокот на поинаков начин“, додаде таа. На пример, ако изедеме цело јаболко, нивото на шеќер во крвта не се зголемува бидејќи фруктозата, шеќер кој природно се наоѓа во овошјето и некои зеленчуци, полека се ослободува во крвта. Меѓутоа, кога пиеме сок од јаболко, крвта ја преплавуваме со фруктоза.

“Крвта не смее да биде полна со шеќер, таа е опасна за органите. Затоа телото има механизам преку кој брзо се ослободува од шеќерот во крвта. Црниот дроб, кој го метаболизира шеќерот, претвора голем дел од овие калории во масти“, објасни Ханон.

Сокот не е здрава замена за вода
Во текот на студијата, научниците анализираа 42 студии: 17 кај деца и 25 кај возрасни. Тие откриле дека кај децата, секоја дополнителна дневна порција од 100% овошен сок е поврзана со 0,03 повисок индекс на телесна маса (БМИ). Кај возрасните, забележана е уште помала промена во БМИ од 0,02.

„Иако овие промени во индексот на телесна маса не изгледаат значајни, кога ќе го екстраполирате на целата светска популација, тоа има огромно влијание. Особено затоа што повеќето луѓе не пијат 100 мл овошен сок дневно, што е стандардна порција“, рече Ханон.

“Тие пијат 500, 600, 700 мл сок дневно, што потоа се поврзува со значително зголемување на БМИ. Родителите не треба да мислат на овошниот сок како здрав начин да ја згаснат жедта. За тоа служи водата. За грицки и задоволства, понудете му на вашето дете цело овошје. Ако му дадете овошен сок, тоа треба да биде половина чаша дневно, не повеќе од тоа“, додаде таа.

Студијата наречена „Потрошувачка на 100% овошен сок и телесна тежина кај деца и возрасни, систематски преглед и мета-анализа“, беше објавена во списанието JAMA Pediatrics.