Пицула: Без реформи и обнова на довербата нема напредок за Србија кон ЕУ
Брисел – Србија не може да оствари вистински напредок на европскиот пат без конкретни реформи и обновување на довербата во односите со земјите членки на Европската Унија (ЕУ), изјави известувачот на Европскиот парламент (ЕП) за Србија, Тонино Пицула.
Пицула на социјалната мрежа Икс објави дека на вчера одржаната седница на Комитетот за надворешни работи на ЕП (АФЕТ) посебно го отворил прашањето за Србија, каде што парламентарните избори од корен ја променија политичката слика.
Тој наведе дека ја прашал еврокомесарката за проширување Марта Кос, која на седницата го претставила новиот Пакет за проширување на ЕУ, дали промената на власта во Србија може да донесе и пресврт во надворешната политика, особено во однос на усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и односите со соседните земји.
„Комесарката Кос порача дека ЕУ е подготвена да ѝ помогне на новата српска влада во спроведувањето на реформите, но дека клучно е да се обнови нарушената доверба меѓу Србија и земјите членки на ЕУ, како и довербата на граѓаните на Србија во Унијата. Без конкретни реформи и обновување на довербата нема вистински напредок на европскиот пат“, наведе Пицула.
Тој додаде дека во процесот на проширување на ЕУ е остварен значителен напредок во изминатата година, посочувајќи дека Црна Гора е пред затворање на преговорите, Албанија пред затворање на кластер, а Украина и Молдавија пред отворање нови кластери.
„Владеењето на правото, демократијата и реформите остануваат темел на проширувањето, кое мора да се заснова на заслуги“, истакна Пицула, хрватскиот европратеник од редовите на социјалдемократите.