Петтиот сет мерки пред донесување, власта и опозицијата уште спорат колку тежат досегашните четири


Петтиот пакет мерки за помош на економијата и граѓаните погодени со кризата е во финална фаза, изјави вечерва потпретседателот на СДСМ Коста Петров. И вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, попладнево преку статус на Фејсбук соопшти дека во текот на оваа и следната недела следат консултации со коморите, Платформата за јавно приватно партнерство, економско социјалниот совет и сите засегнати страни со цел, како што вели, „заедно да ги утврдиме мерките од новиот пакет по што истите ќе бидат соопштени пред јавноста“.
И додека од власта се погласно ги најавуваат мерките кои треба да овозможат рестарт на економијата, од опозицијата и натаму тврдат дека до сега во стопанството се слеале значително помалку пари од она што се соопштува. Според нивните пресметки досегашните четири пакети тежат 344 милиони евра, или една третина од она што го тврди власта.
Како увертира во новиот пакет, Владата веќе донесе одлука со која на повеќе фирми ќе им се намалат трошоците во работењето.
„Една мерка е најавена, а ќе се соопшти целиот пакет, ќе зачуваат работни места и ќе овозможи нови работни места и ќе помогне да имаме силен рестарт во 2021 година“, истакна вечерва Петров во дебатната емисија 24 Анализа на ТВ24.
Станува збор за мерката која беше соопштена пред една недела според која компаниите ќе бидат ослободени од царинските давачки за една година. Ќе се укинат царините за 71 тарифна ознака кои се однесуваат на преработувачката индустрија што ќе важи од 1 феврури до 31 декември 2021 година. Од Владата појаснија дека компаниите ќе бидат ослободени од царинските давачки за една година кои во 2019 година изнесуваа 162,4 милиони евра, со цел да се зголеми извозната конкурентност на преработувачка индустрија.
„Ова е првата усвоена мерка од новиот, петти пакет економски мерки за справување со последиците од КОВИД-19, изготвени од страна на Стопанската комора по консултација со компаниите од метало-преработувачката индустрија, металургијата, текстилната и кожарската индустрија“, соопштија од владината прес-служба.
Битиќи денеска објави дека како и претходните мерки така и петтиот пакет ќе се донесе преку инклузивен процес и за истиот веќе се проектирани средства во Буџетот за 2021 година, односно 50 милиони евра, но средства за справување со КОВИД кризата има инкорпорирано и во самите програми за работа на министерствата, што Владата ги зеде предвид при носењето на програмите и буџетот за оваа година. Целта е, како што нагласи, спас на работните места, помош на најзагрозените, но и мерки за закрепнување и развој на домашната економија.
Истовремено, како што посочи, Владата континуирано ги следи ефектите на мерките од претходните пакети.
И Петров истакна дека и до сега дале максимум во испорачување на мерките.
„Кризата започна во март, ние веќе на 19 март го имавме првиот пакет мерки, крајот на март дојде вториот пакет, третиот во мај, крајот на септември беше најавен четвриот пакет и веќе работиме на петтиот пакет, вели Петров, осврнувајќи се на дел од мерките содржани во пакетите во вкупна вредност од една милијарда евра.
„Дел од мерките се директно буџетски, а дел имаат финансиски импликации. Направивме ослободување на кредитна линија, воведовме царинска гаранција од три милиони евра, намалување на царински давачки, ставање во мирување на Законот за извршување, намалување на казнената камата, ослободување од ДДВ за донации, намалување на ДДВ во угостителски услуги“, истакна Петров.
Така, како што објасни Петров, меѓу мерките финансирани со буџетски средства, само Ковид 1 изнесуваше седум милиони евра, поддршката за плати беше 81,3 милиони евра со кои беа опфатени преку 46.000 вработени, само во декември минатата година, потоа 50 милиони евра евтини кредити, субвенционирање на придонеси за април мај и јуни, 26,8 милиони евра за „купувам домашно“, финансиска помош за конкуретност, за социјални ранливи групи 24 милиони евра…
Мерките, како што нагласи, помогнале 120 илјади вработени, како и дека со Ковид 1 биле опфатени 737 компании, со Ковид 2 – 639, а со Ковид 3 има 1.276 апликации.
„Ефектите од мерките се повеќе од очигледни, има огромна разлика од ефектите од вториот, кон третиот квартал минатата економија, како и според перформансите на економијата во последниот квартал во 2020 година“, рече Петров.
Меѓутоа, опозицијата има своја математика. Според Гордана Димитриеска – Кочоска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, власта манипулира со износот од една милијарда евра затоа што има преклопување на некои од мерките, па нивната вредност всушност изнесува 344 милиони евра, или 8,3 отсто од буџетот.
„Мерките од Развојната банка во износ од 31 милион евра требаше да бидат реализирани во септември, а тие беа објавени во декември. Во јули, август и септември немаше никакви мерки. За четвртиот квартал беа планирани вкупни приходи за 6,3 проценти поголеми во однос на 2019, а завршивме со 5,2 отсто помалку во однос на 2019, рече таа во Анализа 24, додавајќи дека неефикасноста на мерките се гледа и преку зголемувањето на невработени лица кои ги изгубиле своите работни места во време на корона кризата.
Во однос на податоците за пораст на просечната плата Димитриеска – Кочоска вели дека многу е битно да се знае како таа се пресметува.
„Да земеме тројца вработени од кои двајца земаат по 20 илјади денари, а едниот 10 илјади денари, или вкупно тројцата 50 илјади денари односно просечно по 16.600 денари“, посочи Димитриеска – Кочоска. Но, ако под влијание на кризата вработениот со најниската плата ја изгубил работата, тогаш излегува дека просекот на оние кои ги задржале работните места е по 20 илјади денари.
„Им се зголеми ли платата на нив, иако статистчки просечната плата пораснала?“, праша таа додавајќи дека во овој период токму ниско квалификуваните ја губат работата и дека во реалноста платите не се зголемени. (Н.В.)