Петте најбогати луѓе во светот станаа двојно побогати, а сиромашните се посиромашни

Првиот светски билионер ќе се појави во рок од една деценија, а во исто време јазот меѓу сиромашните и богатите уште ќе се зголемува


 

Петте најбогати луѓе во светот го зголемија своето богатство повеќе од двојно на 869 милијарди долари од 2020 година, додека најсиромашните 60% во светот – речиси 5 милијарди луѓе – изгубија пари.

Деталите се објавени во извештајот на Оксфам додека најбогатите луѓе во светот се собираат од понеделник во Давос, Швајцарија, на годишниот состанок на Светскиот економски форум на политичките лидери, корпоративните директори и супербогатите.

Јазот меѓу богатите и сиромашните веројатно ќе се зголеми, се вели во извештајот, и ќе доведе до тоа светот да го круниса својот прв билионер во рок од една деценија. Истовремено, доколку продолжат сегашните трендови, сиромаштијата во светот нема да биде искоренета уште 229 години.

Истакнувајќи го драматичното зголемување на нееднаквоста од пандемијата на ковид, Оксфам рече дека светските милијардери се побогати за 3,3 билиони долари отколку во 2020 година, а нивното богатство пораснало три пати побрзо од стапката на инфлација.

Извештајот, Inequality Inc., открива дека седум од 10 најголеми светски корпорации имаат милијардер како извршен директор или главен акционер, и покрај стагнацијата во животниот стандард на милиони работници ширум светот.

Извештајот составен со помош на податоци од истражувачката компанија Wealth X и „Форбс“, вели дека комбинираното богатство на првите пет најбогати луѓе во светот – Илон Маск, Бернард Арно, Џеф Безос, Лери Елисон и Марк Цукерберг – се зголемило за 464 милијарди долари или 114 отсто. Во истиот период, вкупното богатство на најсиромашните 4,77 милијарди луѓе – што сочинуваат 60 проценти од светската популација – се намали за 0,2% реално.

Дали Илон Маск ќе биде првиот билионер во светот

„Луѓето ширум светот работат понапорно и подолги часови, често за плати за сиромаштија на несигурни и небезбедни работни места“, се вели во извештајот. „Во 52 земји, просечните реални плати на речиси 800 милиони работници паднаа. Овие работници изгубија вкупно 1,5 нилиони долари во последните две години, што е еквивалентно на 25 дена изгубена плата за секој работник“.

Прегледувајќи ги богатствата на супер богатите, извештајот исто така вели дека деловниот профит нагло се зголемил и покрај притисокот врз домаќинствата во услови на криза на трошоците за живот. Открива дека 148 од најголемите светски корпорации заедно оствариле 1,8 билиони долари вкупен нето профит во годината до јуни 2023 година, што претставува скок од 52% во споредба со просечната нето добивка во 2018-21 година.

Оксфам соопшти дека најновиот Џини индекс – кој ја мери нееднаквоста – открил дека глобалната нееднаквост во доходот сега е споредлива со онаа во Јужна Африка, земјата со најголема нееднаквост во светот.

Најбогатите 1% во светот поседуваат 59% од сите глобални финансиски средства – вклучувајќи акции и обврзници, плус удели во приватен бизнис. Во Велика Британија, најбогатите 1% поседуваат 36,5% од сите финансиски средства, со вредност од 1,8 билиони фунти.

Алема Шивџи, привремениот извршен директор на Оксфам, рече: „Овие крајности не можат да се прифатат како нова норма, светот не може да си дозволи уште една деценија поделба. Екстремната сиромаштија во најсиромашните земји е повисока отколку што беше пред пандемијата, а мал број супербогати луѓе се тркаат да станат првиот билионер во светот во следните 10 години“. (Според агенциите)