Петта сесија од проектот „Филмска училница“


Проектот на Кинотеката „Филмска училница“ – креативна едукација од областа на филмот и аудиовизуелното наследство, наменет за ученици од средните училишта и за бруцоши, ја имаше петтата од десетте планирани сесии кои се одржуваат секоја сабота во Кинотека. 

Режисерката Марија Џиџева во интерактивна дискусија со учесниците ги анализираше нивните филмски етиди и се развиваа индивидуалните идеи на младите филмофили, кои се ориентирани кон различни сегменти од филмското творештво, како сценарио, режија, критика. Петар Волнаровски, виш филмолог и раководител на одделот за истражување, издавачка, библиотечна и меѓународна дејност, одржа воведно предавање за природата, структурата, функцијата и развојот на наративната мултимедија – од орална до дигитална ера.

Како што соопшти Кинотеката, учесниците на работилницата ги гледаа и дискутираа за македонските кратки документарни филмови „Афион“ (1962) на Димитрие Османли и „Птици и риби“ (1961) на Трајче Попов.

Проектот „Филмска училница“ е финансиран од Министерство за култура и се одвива под мотото „Гледај филмови, учи и создавај!“. Во интерактивната филмска училница младите филмофили се запознаваат со аудиовизуелното богатство, историјата на филмот, со филмскиот јазик и аудиовузуелното изразување и имаат можност за креирање авторски филмски етиди.

Учесниците на возраст од 15 до 19 години  имаат уникатна можност да се запознаат и со историјата на филмското архивирање и технолошките нијанси во дигиталната реставрација на кинематографските дела, технологијата и проекцијата на 35 мм филмска лента, бројни филмолошки материјали од македонски филмови.