Шеста дојава за бомба на летот Белград-Москва


 

Во последните неколку дена, речиси секој ден има дојава дека на летот од Белград за Москва има поставено бомба. Досега тие се покажуваа лажни, но за денешната дојава уште нема официјална потврда дали е лажна или не.

Инаку, вчера во полиција е пријавено дека имало бомба во авионот што требало да полета од аеродромот „Никола Тесла“ во Белград.

Со контрадиверзија на леталото било утврдено дека дојавата за наводно поставената експлозивна направа во авионот што требало да полета од аеродромот „Никола Тесла“ до Санкт Петербург е лажна, се наведува во официјалното соопштение на МВР.

„Полицијата заедно со обвинителството работи на идентификување и гонење на осомничените кои ја испратиле оваа и претходните лажни пријави по електронска пошта, заедно со антитерористичките единици, Управата на граничната полиција, Управата на сообраќајната полиција и Полициската станица Сурчин, посочуваат од МВР.

Ова е шести пат во последните седум дена да се пријавува бомба на летот Белград-Москва, а за секоја пријава се покажува дека е лажна.

Српските медиуми пренесуваат дека ова, покрај тоа што е непријатно за патниците за Русија, кои потоа се вознемирени и напнати, претставува и голем трошок. Потребно е време и пари, авионот да се врати назад, да се извршпи проверка и повторно да се подготви за полетување.

Србија е една од ретките европски земји, кои не воведоа прекин на летовите кон Русија, по инвазијата која ја започна врз Украина, па претпоставките се дека ваквите дојави пристигнуваат од Украина. За некои мејлови кои стигнале со дојава за бомба во авионите, се знае дека доаѓаат од Украина.