Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ го нападна Апасиев дека е „лажен Че Гевара“
Еден од вмровските пратеници кој е најчесто присутен во јавноста, Бране Петрушевски, го нападна лидерот на Левица, Димитар Апасиев, дека е „лажен Че Гевара“ и дека неговата главна задача била да ја слабее опозицијата.
Во својот пост на Фејсбук Петрушевски напиша дека „Левица е понтонскиот мост на Заев во опозицијата. Главна задача на Левица е глумењето опозиција и нејзино слабеење“.
Петрушевски вели дека Апасиев од соборец на Зоран Заев станал советник во „криминалното СЈО“. Тој уште додава дека „лажниот Че Гевара на Заев, покрај тоа што е истурена маша, е и лажен револуционер. Че Гевара од човек со хонорари од СЈО, потопен во лукзус и раскош седејќи во скутот на Заев, не бива“.
Според него, „задачата на Левица е да послужи на Заев како фиктивна опозиција која треба да го раздели опозициското ткиво“.
Оваа реакција на Бране Петрушевски следи откако вечерва Димитар Апасиев во гостувањето на Сител, критикувајќи ги измените во Изборниот законик и предлогот независните листи да мора да соберат потписи од најмалку 2 отсто од запишаните гласачи во една општина, рече: „Ова е перверзија којашто првенствено ја прави СДСМ и не знам зошто тука влетува ДПМНЕ. Тоа ќе биде како колатерална штета во случајов, бидејќи рафално ќе се пука и против неа, бидејќи и таа е дел од договорот“. Апасиев цело време во разговорот најголемата опозициска партија ја нарекуваше ДПМНЕ.