Петровска: Задоцнетата превенција и неказнувањето не доведе до оваа ситуација


Испраќањето на пораката – „нема да казнуваме“, широко ја отвори вратата за оние што не го почитуваат законот. Се почувствуваа заштитени од полицијата која треба да го чува редот во државата, рече вечерва дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Славјанка Петровска.

Петровска во вечерашното гостување на „Вин – вин“ потенцира дека таа и министерот Наќе Чулев имаат дијаметрално спротивни ставови кога се работи за однесувањето на МВР во услови на коронавирусот. Според неа, до оваа ситуација – на повторно воведување карантин, не доведе задоцнетата превентивна улога на полицијата и неприменувањето репресивни мерки.

Не е фер, потенцира дополнителниот заменик-министер, казнувањето на едни граѓани и неказнувањето на други, кои исто така сториле прекршок.

-За жал, по подолго време повторно се враќа полцискиот час иако Владата најави омекнување на мерките. Во последниот период се почувствува опаѓање на дисциплината и кај полицијата и кај граѓаните. Можеби тоа беше испровоцирано од некои политички изјави. Министерот е оној што раководи со МВР и тој ја испраќа пораката за тоа како Министерството треба да биде позиционирано. Ако јас излезев со спротивна изјава, ќе требаше да имаме двојство. Ќе беше неодговорно ако поттикнев раздор во полицијата, а сега не е време, ниту место полицијата да служи за партиско поткусурување, нагласи Петровска.

Полицијата не е тука, дополни, за да им се допадне на граѓаните, туку за да го штити законот.

-Апсолутно сум против да се казнуваат оние што го спроведуваат законот, но улогата на полицијата е јасна, превентивна и репресивна. Репресивна кон оние што не ги почитуваат законите, децидна е Петровска.

Во врска со полицајците кои завчера на приватен имот правеле забава, рече дека случајот веќе се процесира. Тоа што се случувало не било во согласност со мерките и препораките, а бил нарушен и угледот на МВР.

-Дел од нив не биле на задача, дел биле. Прекршиле многу правила, меѓу кои и прво, основно етичко правило: да се грижат за угледот на МВР. Се останото е констатирано и запишано, се процесира. Јас сум секогаш на страната на припадниците на МВР и сметам дека тие навистина треба да бидат наградени, што не значи дека поединци треба да го валкаат угледот на Министерството, рече дополнителниот заменик-министер.

Околу ограничувањето на уставно загарантираните права на верниците, Петровска рече дека во овој момент нема ништо поприоритетно од заштитата на јавното здравје.

-Дисбалансот во размислувањата дали треба нешто да ограничиме доведе до неодлучност во постапувањето. Премногу долгото вагање на нештата не доведе до овие последици. Инаку, ваков тип собирања, верски, кои не соодвествуваат на препораките и мерките, се видлив во Скопје и од оваа страна, во Градски парк, Водно, истакна Петровска.