Петровска: Предлог Законот гарантира попис според сите меѓународни стандарди, сите пратеници да го поддржат
Законот за попис на населението е во собраниска процедура и со неговото усвојување се создаваат сите услови за одржување на попис оваа, 2021 година – попис, по највисоките меѓународни стандарди, дигитализиран и согласно прописите на Евростат, изјави на денешната прес-конференција пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска.
-После цели 19 години на нашата земја и е неопходен попис. За да може подобро и рамномерно да се развива, за креирање нови долгорочни развојни политики. Тоа е во интерес на државата, на народот, на сите наши граѓани. Затоа велиме дека реализацијата на оваа статистичка операција е патриотски чин. По скоро 19 години без спроведен попис, никој не смее да го кочи или одолговлекува. Ние нема да дозволиме народот да претрпи штета, пописот ќе се одржи оваа година, рече таа.
Истакна оти лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, мора да сфати дека пописот е статистичка операција, а не политичка, а, како што рече, „за својата борба за фотелјата во белиот дворец треба да си бара други начини наместо да блокира се што е во интерес на граѓаните и државата“.
-Тој е против се а не знае зошто. Се обидува да блокира се, без никаква одговорност кон државата и без осет за потребите на граѓаните. Дури повикува на бојкот на пописот. Зошто не знае ниту тој. Помалку граѓани Македонци да излезат? Да бидеме единствена земја без попис? Ние немаме намера да му дозволиме на ВМРО-ДПМНЕ да спречи уште еден попис, рече Петровска.
Таа ги повика сите пратеници да го поддржат законското решение. Посочи дека државата има електронски регистар на население кој ќе биде поврзан со уредите за попис и податоците ќе бидат споредувани со податоците на други десет институции и проверени.
– Тоа значи дека не е возможно да се попишат лица кои не постојат. Без разлика колку и да не им се допаѓа на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, попис оваа година ќе има по меѓународни стандарди. Тоа е важно за економијата, за целокупното наше општество, за развојот на нашата држава и ние сме должни тоа да го овозможиме, заклучи пратеничката на СДСМ Петровска.