Петровска: На армијата и треба нов современ систем за противвоздушна одбрана  


На денешната седница на Комисијата за одбрана и безбедност во Собранието  министерката за одбрана, Славјанка Петровска ја објасни потребата за набавката на современ систем за противвоздушна одбрана за македонската армија.

-Станува збор за унапредување на системот за борбена готовност на Армијата во насока на остварување на основната задача за одбрана на независноста и територијалниот интегритет и суверенитет на државата, за чија цел Министерството за одбрана пристапува кон набавка на современ систем за противвоздушна одбрана, а за кој ќе склучи договор со Министерството за одбрана на Република Франција.

Како НАТО членка, безбедноста на нашето небо ја гарантираат сојузничките воздухопловни сили, а набавката на системот за противвоздушна одбрана е комплементарна во целокупниот одбранбен систем на државата.

Во изминатите две децении не е извршена набавка на систем за противвоздушна одбрана кој е потребен пред сè за поддршка и заштита на припадниците на Армијата, заштита на институциите, и зголемување на безбедноста и сигурноста на граѓаните на Република Северна Македонија.

Станува збор за повеќегодишна набавка на систем за противвоздушна одбрана на мали височини, кој треба да ја унапреди борбената готовност на Армијата, а кој е предвиден согласно планот за опремување и модернизација на Армијата.Поради горенаведеното, а во согласност со Законот за јавните набавки во одбраната и безбедноста, Министерството за одбрана наскоро ќе склучи договор со Франција, за кој јавноста ќе биде подетално информирана и за типот на воена опрема и за динамиката на испорака“, соопштија од Министерството.