Петровска и Дир на предновогодишен хуманитарен хепенинг за украинските дечиња
Театарска претстава со Дедо Мраз и новогодишни пакетчиња во духот на празничниот период. Така изгледаше хуманитарниот хепенинг кој денеска го организираше Министерството за одбрана во соработка со амбасадата на Украина во Северна Македонија во „Скопје сити мол“.
На хуманитарниот хепенинг присуствуваше министерката за одбрана, Славјанка Петровска и амбасадорката на Украина, Лариса Дир.
„Тука се дружиме со дечињата кои своите прибежиште го најдоа во Република Северна Македонија, украинските деца кои страдаат од војната и од случувањата во Украина. Целта е да кажеме дека покрај политичката поддршка која што е несомнена и која што изминатиов период ја дававме и сè уште ја даваме и ќе ја даваме до крај на Украина, сепак се грижиме и за малите дечиња кои се тука во Република Северна Македонија“, рече министерката.

Република Северна Македонија, истакна Петровска, е нивен топол дом и изрази надеж дека тие уживаат во овие среќни новогодишни и божиќни празници, затоа што секое дете заслужува да биде среќно.

„Денес, чуда и добрина Украинците среќаваат во пријателската Северна Македонија, бидејќи нивните куќи во Украина се наоѓаат под постојано руско гранатирање. Северна Македонија ги засолни украинските деца од руската војна. А денес, Северна Македонија на тие деца им поклони празник. Благодарна сум ѝ на министерката за одбрана Славјанка Петровска, за ваквата благородна идеја за создавање на бајковито расположение, за подарување на впечатоци на децата“, рече амбасадорката Дир.