Петровска го исполни ветувањето, им го врати Офицерски на битолчани
Пред да ѝ заврши мандатот градоначалничката Наташа Петровска успеа да ги отвори вратите на велелепниот објект. Таа рече дека може да се се водат „чесни политики и парите да се трошат за граѓаните“
Анета Блажевска
БИТОЛА – „Госпоѓо Петровска ви благодариме затоа што Офицерскиот дом им го вративте на битолчани“ – оваа порака синоќа предизвика силен аплауз и бура од емоции на свеченото отворања на обновениот Офицерски дом во Битола или како битолчани милуваат да кажат „битолскиот Версај“.
Ветувањето е исполнето, Офицерски блесна со сиот свој сјај во предвечерието на празникот на градот – 4 Ноември, оставајќи значајни историски моменти за историчарите и хроничарите на градот.
Во цајтнот на својот мандат градоначалничката Наташа Петровска, сепак успеа да ги отвори вратите на реконструираниот велелепен објект и нарекувајќи го „најубавиот поклон за сите нас“ да им го честита празникот на битолчани со повторното враќање во живот на Офицерскиот дом.
„Сакам да се заблагодарам на сите оние кои препознаа дека и овде кај нас можат да се водат чесни политики, политики за граѓаните, а не за себеси, политики во кои парите ќе бидат подредени на потребите на граѓаните, а не на личните; политики во кои парите можат наменски да се трошат“, рече во своето обраќање Петровска.

Иако објектот не е опремен со инвентар и има уште работа околу ентериерот, сепак, самиот амбиент, чувство дека повторно е вратен ликот на еден од најубавите објекти на Балканот ве обзема со силни емоции. Свечената концертна сала привлекува со целата своја белина и убавина на просторот, на балконите, со сета колоритност на витражот на прозорците, со секој кристал од новиот лустер, со секое парче дрвце од новиот интарзивен паркет, со секој поглед во минатото и во иднината. Надворешноста на фасадата е осветлена и дава посебна магија. Околината исто така хортикултурно е уредена со тревници и цвеќиња, а кога битолчанки чекорат со високи потпетици по патеките со гранитни плочки и коцка, одекнува и на Широк Сокак.
Во еден ваков амбиент, како што велат битолчани, раскошен, градски, конзулски, Петровска реши да ја врачи наградата за животно дело на актерот Петар Мирчевски-Пепи, а во една од најакустичните концертни сали во регионот, одекнаа звуците на класичната музика и потсетија на времињата кога во Офицерски се свиреше и танцуваше на конзулските балови и староградските серенади.
На свеченоста присуствуваа само околу шеесеттина одбрани гости. Петровска го покани новиот градоначалник на Битола Тони Коњановски, истакнати општествени работници, почесни конзули, бизнисмени, повика и неколкумина нејзините сопартијци, ама не и првите луѓе на општинската организација на СДСМ Битола, не и најизвиканите партиски лица, што можеше да се забележи од обележаните по име столчиња.
Петровска, во свој говор го допре и моментот, колку е тешко да се биде жена градоначалник во град и општество кое сѐ уште се бори за родова еднаквост.
„Да се биде градоначалник на Битола, да се почитуваат вредностите на нејзината специфичност, не е ни најмалку едноставна работа. За да се живее со тоа, човек треба да живее за политиката, а не од политиката. Тоа и не е така едноставно во амбиент на едно претходно искомпромитирано политички незрело општество. Особено не е лесно ако си жена во држава која сѐ уште се бори за родов баланс“, рече Петровска.

Свеченото отворање на Офицерски ќе биде запаметено и по тикварникот, десертот кој единствено се послужи на свечениот коктел. И со овој специјалитет од тиква, Петровска симболично возврати на критиките на опозицијата и дел од медиумите кои ја обвинуваа дека не работи и не веруваа дека ќе го возобнови Офицерскиот дом. Тие тврдеа дека единствено умее да сади тикви во сопствениот двор.
Така новиот градоначалник Коњановски и претседателот на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и советник Пеце Милевски не успееја да му одолеат на тикварникот на Петровска и побрзаа да се засладат.
„Не верувавме во тикварникот, секоја чест“, рече новоизбраниот советник Милевски.
Пред пет години тогашната локална власт предводена од Владимир Талески за малку ќе го продадеше Офицерски. По острите реакции на битолската и воопшто на македонската јавност, ВМРО-ДПМНЕ се откажа од идејата. Беше објавен оглас за негова продажба по почетна цена од 900.000 евра, битолчани излегоа на протест, па објектот беше пренесен во надлежност на Општина Битола.
Во 2017, по доаѓањето на новата власт предводена од Петровска, општината аплицираше со проект за грант од Европската унија и го реконструира Офицерски. Реставрацијата се реализира во рамките на проектот „Зголемена туристичка понуда на Пелагонискиот регион преку реставрирање и адаптирање на Офицерскиот дом со партерно уредување“.

Реконструкцијата чинеше 59 милиони денари, Општината вложи околу 5,9 милиони денари. Објектот е реставриран по сите стандарди, почитувајќи ги неговите историски карактеристики. Обновениот објект повторно е дом на културата.
Новоизбраниот градоначалник Коњановски токму од Офицерски синоќа вети дека ќе направи сѐ што е потребно да го заштити објектот.
„Убаво се чувствувам овде, искрено убаво. Можам да се потсетам, како дете со хармоникашкиот хор ‘Стив Наумов’ учествував на некоја манифестација и ми се вратија спомените… Секако мора да се продолжи да се даде добра намена, тоа заеднички ќе го разгледаме. Да живее за доброто на сите и да се најде добра намена. Заштитата секако ќе ја продолжиме, Офицерски е симбол на Битола“, рече Коњановски.
Она што го бараат битолчани е Офицерски да се огради, да има 24-часовна заштита за не се остави на „располагање на вандалите“ на оние кои во минатото ја боеа фасада со црн спреј, ги кршеа прозорците, крадеа сѐ што можеше да се однесе од него, го уништија и стариот велелепен лустер, и објектот го претворија во дувло на бездомници и наркомани.
Годинава се обнови и чешмата крај Офицерскиот дом со средства од Ротари клубот од Битола. На санацијата ѝ претходеше изработка на основен проект, по кој е издадено конзерваторско одобрение од Управата за заштита на културно наследство, согласно одлуката донесена од страна на Советот на Општина Битола.
Реконструкцијата на објектот се случува токму на 110-годишнината од почетокот на изградбата на Офицерскиот дом во Битола во 1911, кога управник на битолскиот вилает беше Абдул Керим Паша. Поради Балканските војни и Првата светска војна, објектот беше довршен во 1919 година.