Петровска: Да не бевме во НАТО кога почна војната во Украина не ќе можевме да кажеме дека земјата е безбедна
Не може да се има успешна армија ако вложувате само во опрема, без притоа да обрнете внимание на човечкиот потенцијал
Најбрз и највидлив пример од нашето зачленување во НАТО е трансформацијата на нашата
Армија, се она што е направено и долгорочните планови што се донесени, но и нивната
успешна реализација, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска на панелот
„Северна Македонија – безбедна членка на нато со европска иднина“ во рамките на конференцијата „Година на европски можности“.
Според неа, не може да се има успешна армија ако вложувате само во опрема, без притоа да обрнете внимание на човечкиот потенцијал и грижата за него.
„Ниту една одлука и процес не може да биде завршен ако не се донесат вистински одлуки во вистинско време. Одлуката за нашето зачленување во Алијансата, што во 2018 значеше
потпишување на Преспанскиот договор, а потоа носењето на уставните измени, се покажа како
вистинска, мудра одлука во вистинско време, со која всушност се обезбеди иднината на нашата држава“, вели Петровска.
Таа потсети на почетокот на војната во Украина во 2020 година, и што би се случило доколку
земјава во тој момент не била членка на Алијансата.
„Во февруари 2020 година светот се` разбуди, за жал, со нешто што до последен момент не верувавме дека ќе се случи, а тоа е неоправданата руска инвазија врз Украина, повреда на
територијалниот интегритет и повреда на демократското право на таа држава. Северна Македонија од самиот почеток ги кажа своите позиции, дававме поддршка и сѐ уште даваме на секаков можен начин.
Ако во таа година не бевме членка на Алијансата, никој министер за одбрана, без разлика дали тоа бев јас или некој друг, не можеше да даде одговор, таков каков што во тоа време давав јас, а тоа е дека Северна Македонија е безбедна од аспект на конвенционални закани, затоа што е земја-членка на Алијансата. Но, како го достигнавме тоа? Повеќе од 30 години сите зборуваа за важноста на нашето зачленување во НАТО, меѓутоа клучниот момент беше 2018 година и носењето на таа тешка, но многу значајна и важна политичка одлука“, вели таа.
Во однос на најавите од НАТО дека ќе инвестира огромна сума пари во производство на муниција и оружје и дали земјава се гледа во тој дел, за да на тој начин има економски придобивки од НАТО, Петровска рече дека во земјава во моментов постојат неколку компании кои се приватни, кои со сопствени ресурси се обидуваат да учествуваат и на пазарот надвор од државата.
„Приоритет ни е во наредниот период тие компании, преку државата, да ги поддржиме во една институционална рамка, свесни токму за предизвикот што претстои пред сите нас и пред земјите-членки на Алијансата, меѓутоа и пред остатокот од светот, а тоа е, за жал би рекла како
човек, зголемената потреба од дополнително вооружување и опремување на капацитетите на
армиите“, рече Петровска.
Според неа, од 2017 година па навака буџетот на Министерството за одбрана расте, токму заради политичката определба да станеме членка на Алијансата и да ги достигнеме стандардите кои се потребни, но и заради потребата од континуирано инвестирање во одбраната.
„Оваа година достигнуваме 2 проценти или 2,05 проценти, што е некаде над 300 милиони евра, но уште поважен дел е како ние тие пари ги трошиме. Над 30 проценти од овој буџет, што е огромна сума, се планирани и тие ќе бидат потрошени во текот на оваа година, токму за модернизација, купување и набавка на опрема која годините наназад не била набавена, не заради тоа што Армијата немала побарување, туку заради тоа што едноставно политиката во тоа некое време сметала дека одбраната на државата и Армијата не се доволен приоритет“, посочи министерката.
„Уставните измени треба да поминат. Јас уставните измени не ги гледам како диктат, тие овој пат не се воопшто политички тешки како што беше промената на уставното име, бидејќи сега зборуваме за континуитет, за тоа што веќе во Уставот го има, каде додаваме уште неколку покрај останатите припадници на делови на народи кои живеат во нашата држава“, рече министерката и уште еднаш потенцираше дека уставните измени ги гледа како волја да се продолжи процесот на европска интеграција. Петровска рече дека бенефитите од европската интеграција се многу поголеми од отстапките кои голем дел од земјите членки ги направиле во текот на интеграцијата и ги повика сите политички партии пред изборите да кажат кој е нивниот план со точни чекори што ќе бидат преземени во овој контекст.