Петров: Кампања со средби на отворено со 50 луѓе


Во услови на глобална пандемија на корона вирусот и борбата со опасниот и непредвидлив непријател, од владејачката СДСМ уверуваат дека ќе одржат безбедна кампања и 100-процентно безбедно гласање на 15 јули

Коста Петров, потпретседател на СДСМ, на прес-конференција рече дека  кампањата ќе биде без митинзи, големи собири, а сите потенцијално ризични настани ќе бидат заменети со нови алтернативни начини на кампања.

„До граѓаните ќе се обраќаме на два начина со онлајн дигитални активности, и тоа: со видео и графички пораки преку социјални медиуми, пренос на видеоконференции во живо преку интернет, гостувања во медиумите, спотови, веб-банери. Другата група активности се офлајн и опфаќаат билборди, печатени програми и летоци, информативни штандови, прес-конференции, како и средби со граѓаните со ограничена публика од 50 граѓани на отворен простор и 30 во затворен простор“, кажа Петров.

Сите настани, додаде тој, ќе се одвиваат со строго почитување на протоколите за организација на јавни настани.

Петров рече дека СДСМ нема да врши активности од „врата до врата“.

„Ги повикуваме сите учесници на парламентарните избори да ги прифатат протоколите за заштита на здравјето, а ВМРО-ДПМНЕ итно да престане со опасните предизборни активности, со организирање средби на кои не се почитуваат мерките и се загрозува здравјето на граѓаните“, кажа Петров.