Петревски: Советниците на ВМРО-ДПМНЕ две години ги блокираат одлуките за набавка на нови автобуси и плати во ЈСП


Фото: Б. Грданоски

Откако и на последната седница на Советот на Град Скопје беше одбиено барањето за субвенции на ЈСП „СКопје“ во висина од 2 милиони евра, директорот на претпријатието ги прозва советниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

– Веќе втора година по ред советниците на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ ги блокираат одлуките за набавка на нови автобуси за ЈСП и за доделување на средства на ЈСП кои му следат на претпријатието, а се потребни за исплата на плати за вработените, додека трета година по ред Владата не ги исплаќа средствата за бесплатниот студентски превоз, изјави денеска директорот на Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје, Крсте Петревски.

Тој во пишана изјава наведува дека „партиските интереси за овие луѓе се поважни од интересите на оние кои ги изгласале на функција„.

-Личните и партиски интереси повторно се поважни за советниците на ВМРО-ДПМНЕ, па смислено ја блокираат исплатата на плати за вработените во ЈСП свесно обидувајќи се да предизвикаат криза во јавниот превоз. Додека Владата во овој момент на ЈСП му должи 360 милиони денари за услуга која произлегува од одлука на истата Влада, а ЈСП во целост ја извршила, нагласува Петревски.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска на прес-конференција на 10 октомври соопшти дека иако била ставена пред советниците одлуката со која требаше да почнат сукцесивно да се набавуваат 250 еко-автобуси не била усвоена. Апелираше во интерес на граѓаните да ја изгласаат одлуката, затоа што, како што рече, ова е нешто кое што не би требало да има политичка заднина.