Петре Шилегов го нарече Владо Мисајловски „шарлатан“


Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, во вечерашното гостување на ТВ 24 употреби прилично остри зборови за потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, откако тој индиректно го обвини дека биле злоупотребени многу пари за тревникот на главниот плоштад.

„Мисајловски е потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ. Според мене, тоа треба да биде сериозна фунција. За мене е обичен шалабајзер, шарлатан. Да правиш селфи на плоштад и да тврдиш дека тревата чини 538 илјади евра значи дека си шарлатан, хоштаплер, полуписмен примитивец. Со класична лага сака да ќари политички поени. Дајте кривична пријава, ако тврдите дека не е тоа не е лага“, рече Шилегов.

Водителката Анета Додевска беше малку затечена од речникот и на нејзината забелешка дека тој не е баш соодветен, Шилегов не се повлече туку повтори дека „работите треба да се наречат со нивното вистинско име“.

„Јас сум секогаш подготвен да примам критика. Но потпретседател на политичка партија да пласира лажна вест, тој е шалабајзер, не е политичар. Во Македонија треба да престанеме со двојните аршини. Таквите луѓе конечно треба да бидат наречени со нивното висинско име: шарлатани“.

Владо Мисајловски на селфито направено пред тревникот напиша дека „Скопје ја доби најскапата ливада на светот. Новата тревичка која чини 538.000 евра. Дојде живот за кого, како“.

Шилегов во емисијата објасни дека сите тие пари што ги наведува Мисајловски се потрошени за целокупното уредување на плоштадот и за дрворедите со пораснати дрвја што се посадени таму. (Н.В.)