„Петоци за иднината“: Дозволете им на средношколоците да протестираат во петок


Движењето „Петоци за иднината“ од Скопје бараат од средните училишта во главниот град да им дозволат на средношколците да ги напуштат првите два часа од втората смена задутре во петок, за да можат да присуствуваат на протестот за климатските промени што ќе се одржи пред Владата со почеток во 13 часот.

Пред два дена, 16-годишната климатска хероина Грета Тунберг им соопшти на милионите нејзини следбеници на социјалните мрежи дека под притисокот на нејзиното движење за климатска правда „Fridays For Future“, средните училишта во Њујорк нема да ги спречуваат учениците да присуствуваат на протестот пред седиштето на Обединетите Нации, каде ќе се одржи големиот самит за климатски промени викендов. Според очекувањата, по оваа одлука, повеќе од два милиони млади ќе излезат на улиците на Менхетн.

„Добивме десетици пораки од наши соученици кои сакаат да бидат дел од протестот, но се плашат дека ќе сносат последици поради тоа. Апелираме до професионалната етика, но и до совеста на директорите и професорите од скопските училишта. Драги просветни работници, пронајдете ја повторно во себе причината поради која сте ја избрале оваа вокација. Ова не е обично отсуство, или бегање од часови, туку нешто многу поголемо и поважно. Не им ставајте неоправдани изостаноци на вашите деца, туку напротив, охрабрете ги да дојдат на настанот и заедно со нивните врсници од целиот свет да се изборат за здрава и безбедна иднина! На крајот на краиштата, придружете им се и вие! Тие не смеат да се плашат од вас и од вашиот образовен систем, туку треба да ја развиваат свеста за тоа што не опкружува и тоа што претставува вистинска закана за нивните млади животи“, апелираат од „Петоци за иднината“.

Во Скопје ќе се организираат и неколку настани за зголемување на свеста за еколошката криза во текот на целата „Недела за иднината“. Но, од движењето сметаат дека протестот во петок е најважен, затоа што од него ќе се испрати пораката дури до Њујорк дека и во Македонија се свесни дека климатските промени претставуваат најважно прашање на 21-от век, и дека најмладите генерации се тие кои ќе бидат жртвите на одложувањето на неговото решавање.