Петнаесет деца од улица вклучени во образовниот процес

Петнаесет деца од улица кои минатата година го посетувале Дневниот центар за деца на улица и улични деца, оваа учебна година се вклучени во редовниот образовен процес. Дополнителни 15 деца се детектирани од мобилните тимови во текот на летниот период и тие годинава го посетуваат овој центар каде се подготвуваат да се вклучат во образовниот процес.

– Овде се стекнуваат со основни хигиенски навики, а има дополнителни образовни активности со цел нивна подготовка до образовен процес. Јас сум навистина среќна што може да се види дека енергијата во овој дневен центар е променета и дека кадарот го дава максимумот да ги подготви за образовниот процес. само со вклучување во образование можеме да постигнеме одредена промена која долгорочно ќе може да се види и кај семејствата и кај децата во социјален ризик, изјави министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, која го посети Центарот.

Сега, појасни таа, сите корисници на гарантиран приход добиваат и образовен и детски додаток за основно и средно образование со цел да ги стимулираме семејствата ги пуштат децата во училиште, бидејќи, како што рече, само на тој начин можеме да превенираме деца на улица, но и долгорочно да ја намалиме сиромаштијата во тие семејства.

Наташа Станојевиќ од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа од Скопје вели дека седум тимови од мај биле распредени на најфрекфентни подрачја во Градот Скопје, каде има детектирано деца питачи или родители со деца кои питачат.

Таа додава дека се детектирани и дополнителен број деца во чии семејства тимовите направиле теренска посета да видат дали тие имаат потребна документација и да им помогнат да влезат во системот на социјална заштита.

– Нашата цел не е да преземаме репресивни мерки, туку да им помогнеме на семејствата, да ги подигнеме нивните родителски капацитети, вели Станојевиќ.

Таа додава дека е зголемен интересот за образовен и детски додаток, што, како што вели, покажува дека родителите се стимулирани да ги вклучат децата во образовниот процес.

Координаторката на Центарот и на мобилните тимови Соња Арсовска истакна дека тие им помагаат на семејствата во текот на целиот процес на социјализација од прибирање на целата документација до помош за вклучување на децата во редовно образование и за остварување на правата за детска заштита.